Како да ги искористиме искуствата од други места за да осигураме праведна транзиција на Кичево

by Fokus

Земјите од Европската Унија (ЕУ) веќе подолго време работат на напуштање на јагленот и исклучување на термоелектраните на јаглен и лигнит од енергетскиот микс. Секако, ова предизвикува значителни економски и социјални последици за регионите каде транзицијата се случува – губење на работни места, немање опции за младите и општо чувство на несигурност во иднината.

 

Пишува:  Невена Смилевска
Координатор за праведна транзиција за земјите на Западен Балкан во CEE Bankwatch Network

 

Бидејќи станува збор за голем број на региони каде се случува огромна промена, на ниво на ЕУ предвиден е процес кој се нарекува праведна транзиција од јаглен и кој е наменет да ги ублажи последиците и да го мапира развојот на секој регион одделно, во зависност од можностите кои дадениот регион ги има.

Ваквиот процес е мошне обемен и скап, предвидени се и соодветни средства наменети за финансирање на мерките кои согласно законодавството произлегуваат од процесот на праведна транзиција. Овие мерки вклучуваат изработка на Територијални планови за праведна транзиција, поддржани со Фонд за праведна транзиција наменет, меѓу другото, за финансирање на мали проекти (5-10 милиони евра) кои би го овозможиле развојот на регионот и би придонесле кон отворањето на опции за развој на регионот кој не зависи од јаглен.

Во моментов во финална фаза на консултации е ваков Територијален план за праведна транзиција за округот Горж во Романија. Како дел од своите активности поврзани со поддржувањето на праведната транзиција од јаглен во регионот на Западен Балкан регионалната мрежа CEE Bankwatch Network спроведе серија состаноци со претставници на различни чинители во округот Горж за да научи и да ги пренесе искуствата на релевантните чинители во засегнатите региони овде, меѓу кои и Кичево. Во овој текст пренесуваме дел од научените искуства.

Што велат искуствата од Романија?

Регионот Горж е дом на десетина рудници на лигнит и на неколку големи тремоелектрани со вкупна моќност од над 1000 MW. Разбирливо, граѓаните, но и општините, бизнисите и сите други чинители во регионот во изминатиот период не биле позитивно насочени кон промената која целосно би го изменила начинот на живот во нивната околина.

Сепак, со оглед на тоа што промената е неминовна за сите земји на ЕУ, а и за земјите кандидатки за членство во Унијата, Советите на шесте засегнати окрузи во Романија, вклучително и Горж, биле ставени пред многу неблагодарната задача да ја испланираат транзицијата преку изработка на Територијален план за праведна транзиција. Притоа, опишувајќи го своето искуство во изработката на планот, Алин Шипану од Окружниот совет посочува дека две години се многу кратко време во процесот на праведна транзиција од јаглен, меѓутоа со добар пристап е можно да се обмисли како луѓето да се подготват за промената која ќе дојде во наредните 10 или 20, можеби и 30 години – но сепак во нашиот животен век.

Промената во отвореноста кон процесот на праведна транзиција и за окружниот совет, но и за граѓаните, дошла со генералната промена на тековите во енергетиката и со превработеноста во административниот дел на рудниците и термоелектраните. Се заклучило дека е неопходно да се има локална стратегија и стабилна програма за одржливост за регионот.

Aлтернативни пристапи за развој на бизнисите во регионот

Шипану идентификува дека еден од проблемите во задолжувањето на окружната администрација со изработка на план за праведна транзиција за регионот е што специјалност на ваквите институции е вложување на буџетски средства во големи проекти од јавен интерес или административен карактер – градење патишта, болници, училишта и слично, но не и проектирање на економскиот развој или поттикнувањето на бизнис можности.

Сфаќајќи го овој проблем, Советот во Горж направил повик за идеи наменет за граѓани и бизниси и сите заинтересирани да придонесат. Биле изненадени што добиле 340 различни идеи од кои, по проверката дали можат да се финансираат преку Фондот за праведна транзиција, во креирањето на програмата искористиле повеќе од половина.

Една од водечките насоки во изработката на планот било барањето алтернативни пристапи за развој на бизнисите во регионот – како пример беше дадена мала циглана која ќе постави и соларни панели.

Дополнително, во размислувањето за можности се обработува целиот процес по принципот на value chain методологијата.

Како пример за практична примена на овој пристап, прво е разгледана сегашната состојба – регионот продава електрична енергија. Со оглед на тоа што електричната енергија која ја произведуваат од јаглен повеќе не е пожелна од повеќе причини (неисплатливост поради даноци поврзани со емисии, намалување на достапноста на јаглен, други причини), ако сакаат да продолжат со производство на електрична енергија треба да ја произведуваат од сонце.

Анализите покажуваат дека во моментов бројот на соларни панели поставени на кровни површини е многу мал. Со калкулација на достапните површини се увидело дека има толку голема потреба од соларни панели во регионот што за да се задоволи потребата, добра опција би било да се изгради фабрика за производство на сончеви панели.

Па така, се планира целиот процес – производство на панели, вклучително и оспособување на кадри, поставување на панели и оспособување на кадри за тоа, поттикнување на енергетски задруги со сите можности кои тоа ги нуди и на крај продажба на електричната енергија кон системот.

Добра опција и за вработените во рудниците и термоелектраните

Дополнително, се разгледуваат можности за инсталирање на мерки за енергетска ефикасност кои со одредена преквалификација општоземено се добра опција и за вработените во рудниците и термоелектраните на кои им претстои затворање.

Важно е да се напомене и дека Окружниот совет идентификувал дека бизнисите кои се директно поврзани со термоелектраната (транспорт, сервиси и слично) не се заинтересирани за промена, но и дека тие се значително помалку на број во однос на другите можности во регионот на кои треба да се работи и кај кои има поголем интерес за транзицијата.

Општоземено, општината била пријатно изненадена од тоа колку нови идеи кои може да се финансираат се појавиле на гореспоменатиот повик. Станува збор за релативно мали проекти кои можат да се финансираат во рамките на она што го нуди Фондот за праведна транзиција (5 до 10 милиони евра по проект).

Шипану посочува и дека малите проекти се попожелни како дел од Територијалниот План за праведна транзиција бидејќи се поедноставни за имплементација и имаат поголем потенцијал за овозможување економски диверзитет. Меѓу поволните проекти идентификувани се и создаден е простор во планот за идеи од областа на енергетиката, земјоделството, туризмот, образованието и многу други сектори.

Некои од идеите кои беа споделени со тимот на CEE Bankwatch Network се: комбинацијата на стакленици со фотоволтаични панели, зелени тематски паркови, фабрики за производство на сончеви панели, развој на градежниот сектор во областа на енергетска ефикасност итн.

Сепак, за искористување на искуствата за да се планира развојот на Кичевскиот Регион неопходно е да се разгледаат опциите кои се достапни и можни на локално ниво, како и да се земе предвид димензијата на Кичевскиот Регион во однос на регионот Горж. Сепак, позитивното искуство на регион кој го поминува патот на транзицијата може да биде од непроценливо значење за регион кој допрва ќе се соочи со затворање на енергетски капацитет и да отвори можности за развој во поинаква насока.

Повеќе за целата посета на CEE Bankwatch Network во регионот Горж ќе може да се прочита во брифингот кој кон крајот на јуни 2022 г. се очекува да биде објавен на www.bankwatch.org и на www.just-transition.info.

Поврзани новости