Какистократи

by Fokus

Почурук од партократите се покажа какистократот Зоран Заев, единствен и неповторлив во изминатите три децении

Пишува Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Денешнава колумна е инспирирана од текстот на рок-песната „Дно на дното“ од кант-авторот Балашевиќ. „Откога е светот и векот и нас/ најголеми пробисвети приграбуваат власт/ Сватовите ги растура пијан сват/ Братијата прогласува грабеж за Крсташка војна/ Дно на дното“.

Најеклатантен пример од неодамнешната лакрдија во највисокиот законодавен дом со изборот на судии во Уставниот суд од „истакнати правници“. Флоскула што значи „истакнати партиски послушници“. Собраниската фарса беше идеален показател дека Македонија е модус вивенди држава со гнил систем, во кој владеат најлошите, џганот. Флора и фауна од какистократи.

Периодот од осамостојувањето, односно по падот на експертската влада и формирањето на првата политичка влада до денес, продуцираше политичка, економска, социјална, културна и морална провалија. Дно на дното! Глумење држава по сценарио од други. Впрочем, уште првиот премиер Бранко Црвенковски сконта и кажа дека државата е со фабричка грешка.

„ЗАВРЗАНИ МЕДИОКРИТЕТИ“

Глаголеше дека народот секогаш бил во право, дури и кога грешел. Безгрешна била само партократијата. Неговите популистички мантри ги продолжија и наследниците Љупчо Георгиевски и Никола Груевски, партократи што продолжија да ја „глодаат“ Македонија.

Но, од бетер има и побетер. Почурук  од партократите се покажа какистократот Зоран Заев, единствен и неповторлив во изминатите три децении.

Основната разлика меѓу овие феномени е што партократијата бескрупулозно ги приватизира државата и општеството, а какистократијата отворено и силеџиски ги зароби.

Во партократијата, меритократскиот принцип, т.е. владеењето на компетентноста беше разводнет, релативизиран, премногу често доведуван во прашање, но не и растурен, тотално батален и ритуално спален. Верно, „наши деца“добиваа синекурски позиции што не ги заслужуваа, но, сепак, колку-толку се имаше усул и се внимаваше да не се прекардаши. Барем таму каде што навистина беше битно, мошне чувствително и видливо.

Какистократијата тотално го укина меритократскиот принцип, не чувствувајќи потреба дури и да го фингира. Поредокот во кој дотогаш доминираа добро „заврзани медиокритети“, го заменија со небулози за кои и медиокритетството претставува недостижен идеал. Државата се разнебити и се обезличи низ целосна декаденција на институциите, а општеството се дегенерира низ безгранично дивеење на најлошите и најштетни човеци.

Какистократите запнаа за преговори со ЕУ по секоја цена. Тврдоглаво одбиваат да сфатат дека и со прифаќање на семожните уцени, понижувања и раскрчмувања, бесмислено е да се надева на членство. Братята също казват че „мокърият сън на тяхната западна съсетка никога няма да се сбъдне“ без иницијација за бугаризација преку асимилација.

ЃАВОЛСКА РАБОТА

Првата „бенигна крачка“ е вметнување грст Бугари како конститутивен народ во Уставот на Република Северна Македонија. Ѓаволска работа, што веднаш се потврди со барање и Торбешите  да се нацртаат во Уставот како дел од народ, бидејќи ги имало 0,73 отсто и биле повеќе од Бугарите. Ќе нема само Македонци! Тие навреме ја поделија државотворноста со сите етнички заедници и се ребрендираа во „граѓани на РСМ“ со или без коси црти или, просто, „северномакедонци“.

Можеби и има зрак на надеж со герила акција за собирање граѓани што би се декларирале како Антички Македонци. Треба барем 3.505, еден повеќе од Бугарите. Тоа е единствената можност Македонците да влезат во преамбулата на својот Устав како конститутивен,  макар и како дел од народ што формално не постои и не е признат.

Какистократите тонат во своите фекалии и го вовлекуваат народот во нивната депонија. Нивниот модус операнди потсетува на мафијашката сентенца формулирана од филмскиот лик Мајкл Корлеоне: „Предавството е посебно по тоа што никогаш не доаѓа од непријателот“! Предавајќи и продавајќи го македонизмот, направија погубен избор меѓу далечната и неизвесна опсесија ЕУ и реалното опстојување на македонскиот идентитет.

Среќни се што владеат, Вујкото Сем и Блудницата Вавилонска исто така,  бидејќи им се потребни такви какви што се. Народот со стекнат „Павлов рефлекс“, продолжува да ги избира. Тој не е жртва, туку соучесник и си има власт каква што заслужува.

Модус вивенди држава. Па, додека трае, трае!

Поврзани новости