Кај изгорените бараки до Буњаковец вцртана е шесткатна зграда

Со поништувањето на мораториумот за градба, на сила се врати урбанистичкиот план кој предвидува објект со намена „домување во станбени згради“.

by Фокус 20:59
20:59

На местото каде пред неколку дена изгореа бараките на скопското јавно претпријатие Улици и Патишта, во непосредна близина на трговскиот центар Буњаковец во центарот на Скопје, предвидена е изградба на станбена зграда.

Според податоците што ги обезбеди Фокус, на таа локација е вцртана маркица за изградба на шесткатна зграда со намена А2, со што, според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, се означува „домување во станбени згради“.

Всушност, тоа е предвидено со Деталниот урбанистички план донесен во 2012 година, кој потоа беше замрзнат, односно ставен под мораториум од страна на Советот на Општина Центар, додека градоначалник беше Саша Богдановиќ.

Паралелно со тоа, во рамки на Општина Центар се покрена постапка за носење на нов ДУП за тој дел, кој носи назив Градска четврт 3 11 – локалитети Буњаковец 1 и Буњаковец 2.

Притоа, со новиот ДУП се намалува катноста на објектот за 2 ката, односно се спушта од 6 на 4 ката, меѓутоа неговата намена останува иста – А2 или „домување во станбени згради“.

Арно ама, постапката за усвојување на овој план не е завршена до ден денес, а во меѓувреме Уставниот суд ја укина одлуката за привремена забрана за градење во Општина Центар.

КАТНА ИЛИ ПОДЗЕМНА ГАРАЖА?

Меѓу плановите што потпаднаа под мораториумот беше и оној за делот околу Буњаковец, што значи дека моментално на сила е стариот ДУП од 2012 година, кој предвидува изградба на шесткатна зграда.

Според податоци од Катастарот на недвижности, земјиштето главно е во државна сопственост, додека дел од земјата во близина е во сопственост на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, како на ЈП Улици и Патишта.

Од Општина Центар посочуваат дека и со стариот и со новиот ДУП што е во фаза на изработка се предвидува изградба катна гаража до Буњаковец, на местото каде моментално е поставен монтажен паркинг, како и на дополнителна површина наоколу.

Според неофицијални информации, во рамки на актуелната градска администрација се размислува да се отфрли изградбата на катната гаража, и во тој дел да се изгради парк, додека проблемот со паркирањето да се реши со подземен паркинг.

Меѓутоа, поради тоа што земјиштето е во сопственост на различни државни институции, а дел е и во приватна сопственост, според нашите извори, допрва ќе се испитува дали оваа идеја е остварлива.

Иако надлежните се уште ги испитуваат причините за пожарот во кој изгореа бараките и неколку автомобили, опозицијата веќе изнесе сомнеж дека тој можеби е намерно подметнат.

Влатко Стојановски

Поврзани новости