Кај битолската чешма-убиец биле поставени решетки, но биле украдени од собирачи на старо железо!

by Фокус

Опасно по живот – предупредувањето кое со големи букви е испишано над чешмата-убиец во Битола, како и големиот број на луѓе кои починале во изминатите години и децении поради труење отровни гасови, кои повремено излегувале од јамата, сепак не биле доволно јасно предупредување за да не се оди таму и да не се полни вода од изворот.

Вчерашниот настан, кога двајца браќа на возраст од 63 и 68 години биле пронајдени починати покрај изворот, а кои како што потврдија од МВР, се загушиле од отровните гасови, само уште еднаш покажа дека и покрај реалната опасност и историјата на трагедии кои се случиле таму, опасното место се уште останува отворено за народот.

Од СВР Битола за ,,Фокус” велат дека ова не е прва ваква трагедија покрај изворите, на местото викано Сребрена вода. Велат дека општината памети за многу слични случаи, кога луѓе кои дошле да наполнат вода во шишиња, потоа биле пронајдени мртви.

Појаснуваат дека отровните гасови се испуштале повремено, можеби и со пауза од неколку години, но не било во нивна надлежност да се запечати местото. Починат возрасен маж пред десетина години, починати браќа пред околу 15 години, починат матурант пред дваесеттина години… се дел од несреќите на кои се сеќаваат битолчани, а кои се случиле поради отровните гасови од изворот.

Од фотографии од самото место, се гледа дека изворот е во еден вид на јама, а до него се доаѓа по скали. Над него со спреј е испишано – Опасно по живот, но нема никакво официјално предупредување. Пред изворот, од фотографии кои на социјалните мрежи ги објавуваат лица кои ја посетиле чешмата, се гледа дека има мала дрвена порта која е отворена и секој може да се симне доле до водата.

Градоначалникот на Општина Битола, д-р Тоњи Коњановски за ,,Фокус” вели дека мора да се преземат конкретни чекори и да се стави крај на трагедиите кои се случуваат на ова место.

-Дефинитивно ќе преземеме нешто за да завршат овие трагедии! Ќе имаме состанок на кој ќе се види кои се нашите ингеренции, но работата со чешмата –убиец ќе се истера до крај. Тоа не е ничие место, но сепак е јавна површина, значи е на секој од нас, и затоа мора да се најде решение.

Десетици случаи на смрт поради отровните гасови има во изминатите години, и повеќе од јасно е дека местото не е безбедно. Не е важно што гасовите се појавуваат одвреме навреме, се работи за човечки животи. Се надевам дека локацијата ќе биде обезбедена, дека ќе можеме да поставиме решетки и да се стави крај на опасноста.

Во минатото, од информации кои ги имам, таму биле поставени метални решетки од страна на Агенција за храна и ветерина, но за жал биле украдени од собирачи на старо железо. Тоа е таа дрскост, и неразмислување за можни трагични последици!

Овдешниот народ добро знае за смртните случаи кои се случиле покрај изворот, и навистина не сфаќам како се продолжува со навиката да се оди таму и да се полни вода. Во најкраток рок ќе се преземат соодветни чекори за да се огради местото – ни изјави градоначалникот.

Телата на браќата од Битола, кои вчера попладне починале покрај изворот, биле извадени со помош на екипа на ТППЕ Битола, кои се симнале во јамата со специјална опрема.

Вики Клинчарова

Поврзани новости