Каде заглави одговорноста за случајот „Онишченко“?

Од Владата не добивме одговор дали е изготвен извештајот од истрагата што го најави премиерот Ковачевски по назначувањето на Милошевски за нов директор на АНБ, кој веднаш реферираше за случајот со издавање на македонско државјанство на контроверзниот украински бизнисмен пред членовите на матичната собраниска комисија, но, како што вели претседателот Пренџов, не презентирал извештај.

by Фокус

„Таму постои истрага, која треба да се доврши и врз основа на истрагата да се изготви извештај со кој Агенцијата за национална безбедност ќе реферира во Собранието, односно пред Комисијата за надзор врз безбедносните служби, и се разбира пред Владата на затворена седница“.

Ова во новогодишното интервју за „Фокус“ го истакна премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашањето поврзано со лоцирање на одговорност за Олександар Онишченко, проруски бизнисмен од Украина кој добил македонско државјанство, иако бил на црна листа на САД, а во матичната земја бил гонет за перење на пари.

Согласно извештајот, треба да се преземат соодветни чекори согласно наводите од истрагата од страна на соодветни институции и повеќе од тоа не би сакал да коментирам изјави тогаш Ковачевски, во време кога новото раководство на АНБ најавуваше нова истрага и нов извештај за случајот „Онишченко“.

Иако оттогаш помина повеќе од еден месец, сепак, се уште е мистерија дали ваков извештај е изготвен, дали за него расправала Владата, дали е постапено според наводите во него итн., од причина што ниту АНБ, ниту Владата не споделуваат таква информација.

Од АНБ изостана било каков одговор или реакција кон нашето прашање дали најавениот извештај е изготвен и доставен до Владата? Ниту од Илинденска не добивме одговор на прашањето дали ваков извештај досега е доставен од страна на АНБ, и ако е така – дали е постапено?

Како што ни образложија од таму, не можат да споделат ништо со јавноста, бидејќи станува збор за сензитивна и доверлива постапка и материја, без оглед што не баравме да биде откриена содржина од извештајот, доколку е изготвен и доставен, туку само баравме информација дали тоа е направено и какви мерки се преземени.

ЛОЦИРАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТ

Инаку, Агенцијата за национална безбедност има клучна улога при издавање на македонско државјанство на странци, бидејќи врши проверки и собира информации дали барателот е закана за националната безбедност. Во периодот кога АНБ дало зелено светло за Онишченко, директор беше Виктор Димовски, кој не чувствуваше никаква одговорност.

Јас ви кажав дека нема да патувам ниту во Будимпешта, ниту во Охрид да менувам жителство, ниту да одам во Грција како што некои отидоа. Останувам тука и подготвен сум да се соочам со се, ако се цени дека треба да сносам одговорност – изјави Димовски кон крајот на ланската година.

Откако реферираше пред матичната собраниска комисија за надзор над работата на АНБ, Димовски истакна дека лоцирано е лице во АНБ, кое, како што рече, без да се консултира со меѓународните партнери во НАТО дало согласност дека за Онишченко нема безбедносен ризик.

Останува да утврдиме дали се работи за пропуст, намера или лукративен интерес. Ништо од ова не е исклучено. Сакаме, и мој прв и најголем интерес е ова да го откриеме. Ќе го откриеме, нема да застанеме – рече тогаш Димовски пред новинарите, при што не откри за кое лице се работи, туку само истакна дека се работи за искусен оперативец.

Набргу потоа му заврши мандатот на Димовски на чело на АНБ, но скандалот со Онишченко му го искомплицира патот кон Франција, каде требаше да биде упатен на амбасадорска служба. Како што веќе објави „Фокус“, иако постапката беше при крај, надлежните одлучиле да не ја привршуваат, па на негово место во Париз најверојатно ќе оди Пајо Авировиќ.

Официјална потврда на оваа информација не добивме ниту од Владата ниту од МНР. Но, и претседателот Стево Пендаровски во една прилика јавно порача дека имало прашања и реакции од западните партнери во однос на случајот „Онишченко“, кој, според Пендаровски, мора целосно да се истражи и да се лоцира целокупната одговорност.

НОВА ИСТРАГА

Како што е познато, на самиот крај на 2022 година нов директор на АНБ стана Заре Милошевски, кој најави нова истрагата, независно што за неговиот претходник работата околу одговорноста беше затворена, а она што за него остануваше отворено е каков вид и степен на одговорност треба да понесе „виновникот“.

На 27 декември, тукушто избраниот директор Милошевски реферираше пред членовите на собраниската комисија за надзор над работата на АНБ, но поради класифицираноста на информациите јавноста беше ускратена за информација повеќе во врска со евентуално нови наводи.

По завршувањето на седницата, Милошевски во куса изјава за медиумите рече дека ја исполнил својата законска обврска да реферира пред надлежната собраниска комисија, но поради сензитивноста на материјата рече дека не може да сподели детали.

Претседател на оваа Комисија е пратеникот Љупчо Пренџов, кој во куса изјава за „Фокус“ рече дека тогаш Милошевски усно реферирал за случајот, но не бил презентиран извештај во писмена форма. За повеќе одговори, тој не упати кон Владата.

Во меѓувреме, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку пратеникот Драган Ковачки, кој го обвини Милошевски дека е најодговорен за давањето на македонско државјанство на Онишченко, бидејќи, според Ковачки, тој е функционерот од АНБ кој со свој потпис ја одобрил позитивната проверка пратена до МВР.

Милошевски наместо да биде суспендиран и да се спроведе независна истрага за целиот случај, тој е именуван за директорт на АНБ од страна на Ковачевски, а со тоа тој може и да влијае на истрагата – обвини тој, додавајќи дека предмет на истрага биле двајца вработени во АНБ, но не и Милошевски, и покрај тоа што бил „крајно потпишан“.

ИСТИ ЛУЃЕ

По изборот на Заре Милошевски за нов директор на АНБ, расформирана била старата дисциплинска комисија која работела на случајот и формирана е нова. И покрај тоа што истрагата почнува од ново, како што тврди Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, таа се води врз стара основа.

Според нашите сознанија, правниците во АНБ им укажале на членовите на комисијата дека прават суштинска повреда, затоа што се работи за нова постапка и дека се треба да се повтори. На членовите на комисијата им било укажано дека не можат да важат истите искази и дека мора формално правно да се даде нов исказ со нови записници и докази, но тие биле замолчувани – рече Ковачки.

Според него, Милошевски со формирањето на нова комисија не ги штити двајцата вработени во АНБ против кои е покрената постапката, туку себе си, бидејќи, како што нагласува, тие хиерархиски се под него и тој бил функционерот кој ја одобрил проверката.

Имено, во време на Димовски како одговорни за скандалот со Онишченко беа посочени две лица од секторот за меѓународна соработка, кои не само што не трпеле последици, туку во меѓувреме напредувале на повисоки позиции. Неофицијално, две лица што исто така биле инволвирани во постапката формално се уназадени на пониски позиции, но ги задржале истите привилегии.

Она што е заедничко за дел од нив, тие напредувале во кариерата кога директор на Управата за безбедност и контраразузнавање беше Сашо Мијалков, прв братучед на долгогодишниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој патем е обвинет во повеќе предмети на СЈО. По трансформацијата на УБК во АНБ, тие ги задржаа позициите и влијанието и за време на новите раководства поставени од владите на СДСМ.

Во оваа група на луѓе влегува и шефицата на кабинет на новиот директор на АНБ, која своевремено била дел и од тимот на Мијалков, односно му била десна рака на неговиот шеф на кабинет Тони Јакимовски. Откако случајот со масовното прислушување беше вратен од почеток, екс премиерот Зоран Заев иронично прокоментира дали е следно е враќање на Мијалков на чело на АНБ? Тој може нема да се врати, но неговите луѓе никогаш не заминале.

Влатко Стојановски

Поврзани новости