Каде отидоа трите милијарди евра од буџетот?

by Фокус

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 1 април 2012 година.

Пишувал
Никола Младенов

После секое излегување од продавница, разумниот граѓанин се прашува, дали во кесето има соодветна замена за парите што веќе ги нема во неговото портмоне? Дали купеното е скапо, евтино или е баш тамам за дадените пари? Слична е ситуацијата и пред политичкиот избор. После завршениот мандат, граѓанинот се прашува, дали актуелната влада ни пружила соодветни услуги за парите што ни ги земала? И, како што при пазарењето споредуваме со другите продавници, така и во овој случај, правиме споредба со претходните влади. Само така може да разбереме, дали актуелната власт била подобра или полоша од претходната?

Значи, после пет години Преродба, на петти јуни ќе треба да подвлечеме црта и да одлучиме, дали Груевци не чинеа скапо или ефтино, дали повторно да им ги дадеме нашите пари на располагање или да ги отераме во три фини мајчини? Бројките се неумоливи, цехот е ненормален. За разлика од претходната влада на СДСМ, портокаловиве не чинат дури три милијарди евра поскапо. За толку е угоен државниот буџет во нивнава петолетка, кој, фала на прашање, се полни од нас, народот на Македонија. По разни основи, од ДДВ за секој купен производ, преку давачки за бензин, до сите можни намети по разноразни основи, заклучно со астрономските казни за пцуење на Пастирот. И, што добивме повеќе за трите екстра милијарди евра, кои недостасуваат во нашите џебови – цирка 1.500 евра по човек?

Притоа, воопшто не ги есапам крпењата на дупките по локалните патчиња или оправките на селските водоводи ем канализации. Такви ,зафати, правеше и владата на СДСМ. Во моментов не интересира она што Бранковци не го направиле, а, ете, Груевци ни го овозможиле. Што би рекле тие, лажливите на мајка, како ,Донација од Владата, за народот на Републиката!

Денес, благодарејќи на мудрото водство на Никола Пастир Груевски и вредната му Фамилија, Македонија е на најниските гранки во професионалниот фудбал, кошарка, ракомет, одбојка… но, затоа, Скопје ќе има фудбалски стадион за 35.000 гледачи, а целата држава располага со едно чудо изградени или планирани за градба спортски сали, базени, тениски терени, плус карпа за планинарење. За се да биде баш о-кеј, неодамна ни изградија и терен за хокеј. За сето тоа не избричиле со безмалку 180 милиони евра. Машала!

Очекувано, Преродбата не водеше сметка само за спортот, туку целосно се посвети и на едукацијата на младината. За таа цел, фркнаа 50 милиони евра за компјутерите што збираат прашина пред секој ученик. Како резултат на тие натчовечки напори, само 48 отсто средношколци планираат да збришат од државава во следните 10 години. Не беше баш ефтино, ама, очигледно, компјутеризацијата си ја заврши работата. Без неа, гарант ќе избегаа веднаш!

Тука е, секако, и Скопје 2014, кој не е по ќеифот на само шест-седумдесеттина проценти од населението, главно заведено од опозициските предавнички сили. Тој проект ќе не чини едвај 80 милиони евра, и тоа на 8 годишни рати до 2014-та. До сега, значи, на него не отишле ни 50 милиони, а веќе имаме споменици што вредат 60 милиони евра. Звучи шашаво, ама, гледате, штом се сакало – се се можело. Ем вредно, ем ефтино, ем функционално. Многу државни службеници ќе добијат и свој покрив над главата со Скопје 2014. Само по основ на заштедата за кириите, кои до сега ги плаќале, градежниов зафат ќе се исплати за неполни 214 години. А може и порано, доколку благовремено се изгласа на референдум и влезе во Програмата во 1.000 чекори!

Но, Преродбата не го зафати само главниот град. Од неа не куртули ни Охрид. Владата фрли тони пари за промоција на туризмот по белосветските медиуми. Зарем наколната населба ќе ја чуваме само за себе?! Никако. Тоа чудо од колци и слама за некои безначајни 3-4 милиони евра беше нашиот адут среде острата туристичка конкуренција. Благодарејќи на сето тоа, бројот на странските туристи е се помал од година во година, само поради светската криза. Што не значи дека нема да го задржиме тој надежен тренд и после нејзиното завршување. Цврста гаранција за такво нешто е владиното ветување, дека веќе ги удвојува напорите на овој план. Кај ќе ни беше крајот, ако и од Бугарија ни праќаа туристи, оспособени за бродски расходки!

Разбира се, преродбеничкиот дух не ќе беше целосен, доколку не ја обземеше сета Македонија. Тоа задоволство се распореди рамномерно, од Шара до Осоговијата, и од Табановце до Богородица, благодарејќи на волшебните владини реклами. Некој ќе рече, 70 милиони евра се многу пари. Меѓутоа, зарем луѓето во малешевско или полошко не заслужуваат да видат, колку им е убава живеачката? Зошто тие да не знаат, дека земјоделскава ни влада го субвенционираше земјоделството со 150 милиони евра?Тоа што тиеможеби не виделе жив ем субвенциониран земјоделец, воопшто не значи дека такви нема. Не можат они да одат низ цела Македонија и да истражуваат, кој добил, а кој не добил субвенција. Ако времето го трошат на тоа, тогаш кога ќе можат самите да се бунат за неисплатените им субвенции!? Затоа, нема штедење на рекламите. Не случајно, уште од Гебелс е кажано: Бонус рекламус – Пакс ин домус!

Верувале или не, сево ова не чини едвај 500 милиони евра. А, каде се тука современите апарати за јавното здравство, украинските автобуси, па кинеските на кат, па џабе пензионери на главни седишта, сосе интернет во нив и топол оброк ем бесплатно бањање за сите, доколку обврската да гласаат за Преродбата ја пренесат и на нивните внуци?! Добро прашање, но, очигледно, една петолетка е премалку за сите портокалови ветувања. Ама, затоа, петте години се сосема доволни, за да се види дека Груевци не можат да оправдаат ниту една од трите милијарди евра. Значи, Преродбава е изгор скапа. Цената и е барем три пати повисока од пазарната. Како може човек да се чувствува во таква ситуација? Веројатно како секој од нас, кога на бензинска би му дрпнале 210 за дизелот кој чини 70 денари!!!

Дали можеше да биде и полошо од ова? Ве молам, зар не гледате дека и тоа е остварено. Во случајов, не само што ни свирнале бензин по три пати повисока цена, туку на мнозина од нас им наплатиле за гориво, иако тие немаат ни тротинет. Плус, без право на препродажба. Бездруго така се чувствуваат третината сиромашни во земјава, кои плаќале за едно чудо работи, кои воопшто не им се потребни. Храната е приоритет за гладниот, а не лизгалиштето за хокеј. Додуша, Ставревски не мисли така, но, тој е феномен. Тој ептен има врска со економија. Кумот е меѓу ретките, кои погодија дека светскава криза е добродојдена за Македонија. Да не беше таа, со што ќе ги правдаше глупостите кои секојдневно ги прават и зборуваат низ државава!?

Секоја буџетска пара е добра за нашата економија?! Точно, меѓутоа, прашањето е, што се можеше да се направи со трите милијарди евра, кои оваа влада дополнително ги извлече од народот? Кој денар ќе беше подобар за Македонија: Вложениот во изградба на нови патишта, железница, хидроцентрали, бескаматни кредити за нови работни места… или за ТВ спотови, наколни населби, панорамски тркала, карпи за планинарење и слични будалаштини? По ѓаволите, ним не им е доволно тоа што на најдолен начин не крадат, туку и за будали не сметаат!!!

Затоа, на оваа влада не би и дал ни три кучиња на мочање да одведе, а не, пак, три милијарди евра за уште еден мандат. Да простат кучињата, разбира се, на друштвото во кое ги ставив!

 

Поврзани новости