Каде е одговорноста на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ за трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде беа пуштени над 30 малолетници од кои 6 починаа, а 25 се повредени

Во меѓувреме, да видиме кој стои позади Агенцијата за обезбедување и дали некој од сопствениците ќе сноси некаква одговорност или прстот на вината ќе биде насочен само кон обезбедувачите, кои биле таа вечер на должност.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Веќе втора недела како Македонија ја тресе незапаметената трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 млади луѓе и повеќе од 160 беа повредени. Меѓу нив, внатре на свирката на ДНК, групата од која починаа седуммина беа пропуштени повеќе од 30 малолетници.

По избувнувањето на страшниот пожар во кочанската дискотека, шест од нив починаа, додека пак 25 беа повредени.

Голема улога во целата оваа трагедија „игра“ и Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои ја обезбедувале дискотеката за време на кобната ноќ. Двајца од нивните обезбедувачи беа приведени и им е одреден притвор, а едниот од нив, Столе Боев, во изјава за медиумите, истакна дека не чувствува вина. Тој е осомничен дека дозволил вечерта по 12 часот по полноќ да влезат малолетници во дискотеката.

Јас ги спасив сите што можев и многу ми е криво и мака за тие што не можев да ги спасам. Со голема болка и тага изразувам сочувство до семејствата на починатите. Голем дел од нив се мои пријатели и другари, кои на сопствени раце ги извадив. Не знаете како ми е, ама тоа е“, кажа Боев.

Оттука многу логично е да се постави прашањето – какви се надлежностите на Агенцијата за обезбедување и зошто кобната ноќ на журката на ДНК внатре во објектот биле пуштани малолетници? Тоа допрва ќе го покаже истрагата на Министерството за внатрешни работи.

Во меѓувреме, да видиме кој стои позади Агенцијата за обезбедување и дали некој од сопствениците ќе сноси некаква одговорност или прстот на вината ќе биде насочен само кон обезбедувачите, кои биле таа вечер на должност.

Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија на бизнис-пазарот фигурира само три години, поточно од 5 септември, 2022 година. Како сопственик и директор на компанијата се појавува Јане Јанчески, чие име не е познато во јавноста. Но, ако малку повеќе се истражи, може да се забележи дека тој и не е толку непознат.

Податоците што ги откривме покажуваат дека станува збор за заменик-директор на Центарот за безбедносни истражувања (ЦБИ), а како директор се јавува Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип, за кој во јавноста се зборува дека индиректно е поврзан со Агенцијата за обезбедување.

Најпрвин да објасниме што значи ЦБИ? Тоа е организација формирана во 2017 година и, како што пишува на нивната официјална страница, со цел да им се помогне на обичните граѓани.

Мисијата на ЦБИ е да им помогне на обичните граѓани, но и на донесувачите на одлуки да го направат најдобриот избор при донесувањето одлука, притоа потпирајќи се на најдобрите информации. Решенијата што ги нуди ЦБИ се направени врз основа на најдобрите информации, најкредибилните методи и најдобрите експерти во одредената област.

 

Ние сме посветени на објективни и квалитетни истражувања, кои ги даваат најдобрите резултати и го нудат најдобриот пристап за справување со безбедносните предизвици.

 

Визија на ЦБИ, и наша цел, е да се пресретнат најсериозните безбедносни предизвици, со цел да се подигне граѓанската и општествената безбедност во Република Македонија. Токму затоа, нашиот фокус е насочен кон безбедносните предизвици во Република Македонија и регионот, и токму во таа област имаме еден мултидисциплинарен пристап, кој опфаќа широк дијапазон на анализи и истражувања“, се наведува во описот на нивната веб-страница.

Директорот Нацев редовно се појавуваше на прес-конференциите на вмровците, а беше директор и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во периодот кога Никола Груевски беше премиер.

Според објавите во медиумите, тој во 2019 година заработи кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Пријавениот, како директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија, во периодот од 20.1.2015 до 3.8.2017 година, за свои лични потреби, а на штета на Буџетот на РСМ, злоупотребил буџетски средства во вкупен износ од 1.040.616 денари, додека со непочитување на законските одредби од Законот за јавни набавки и без спроведување постапки за јавна набавка, на штета на Буџетот на РСМ, за трети лица овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 660.594 денари.

Пријавениот, без да донесе соодветни одлуки, акти и правилници за условите за користење средства за репрезентација, за патни и дневни расходи, извршил набавки на стоки и услуги што не биле поврзани со работењето на Дирекцијата, во вкупен износ од 1.040.616 денари и ги искористил за свои лични потреби.

Неговата поврзаност со Јанчески, официјалниот сопственик на „Рубикон“, може да се забележи и преку порталот „Сариса“, познат под името – прв конзервативен портал на кој можат да се најдат единствено изјави од министрите во владата на Христијан Мицкоски.

Поврзани новости