Ќерката на Елена Гошева ќе го тужи Шилегов

by Фокус

Ќерката на претседателката на Уставниот суд Елена Гошева, Слободанка Гиевска, испрати демант на обвинувањата од Петре Шилегов дека таа и нејзиното семејство биле наградувани од ВМРО-ДПМНЕ. Гиевска најави и дека ќе поднесе тужва за клевета против Шилегов. Демантот го пренесуваме во целост.

„Во врска со прес конференцијата на СДСМ одржана на ден 26.02.2016 година го доставувам овој демант за лажните искази кои беа изнесени од страна на гласноговорникот на СДСМ, Петре Шилегов. Барам истиот да биде објавен на ист начин, на исто место и во ист обем како што беше објавена и прес конференцијата одржана од Петре Шилегов односно соопштението доставено од СДСМ со скоро идентична содржина како и споменатата прес конференција.

Воедно, од Петре Шилегов и СДСМ барам да ми се извинат јавно за невистините кои ги изнесоа во врска со мене и моето семејство на прес конференцијата одржана на 26.02.2016 година

Во однос на прес конференцијата на СДСМ одржана на ден 26.02.2016 година во која семејството Гошеви беше цел на напад на портпаролот на партијата Петре Шилегов, во целост ги демантирам наводите изнесени од негова страна во кои вели „ Фамилијата Гошеви не само што е директно поврзана и наградувана од ВМРО-ДПМНЕ со високи позиции во државата туку ова семејство преку Слободанка Гошева учествувало и во слични изборни измами при гласањето за време на избор на студентски лидер во 2002 година, обидувајќи се да ги демолира гласачките кутии и да врши притисок врз студентите при гласањето. Наместо да го штитат Уставот и уставниот поредок партиските инсталации во судството го рушат функционирањето на правдата и правната држава. Се, за фамилијата.“

Во врска со овие обвинувања сакам да ја известам јавноста дека во текот на мојата професионална кариера сите позиции сум ги извршувала максимално одговорно и професионално, согласно уставот и законите и на ниту една позиција не сум била назначена како партиски кадар, туку како професионалец во својата област. Во исто време, одговорно тврдам дека никогаш ниту сум учествувала во некакви изборни измами, ниту некому сум вршела притисоци на студентски или било какви други избори, а уште помалку сум работела на уривање на уставниот поредок и на правната држава.

Ваквите паушални обвинувања и неаргументирани констатации очигледно дека немаат никаква друга цел освен да го нарушат мојот углед и да го дискредитираат моето семејство, за цели кои се строго партиски или приватни за СДСМ или Петре Шилегов.

Токму затоа, барам од СДСМ и од сите медиуми кои ја објавија оваа информација да го објават овој демант во целост. Истовремено би сакала да го известам портпаролот на СДСМ Петре Шилегов дека изнесените клевети и навреди ќе добие можност да ги докаже на суд.

Слободанка Гиевска“

Поврзани новости