Ќе се надградува Рамковниот договор?

by Фокус

Четиринаесет години по потпишувањето, Владата ќе прави анализа на имплементацијата на Рамковниот договор, чие целосно спроведување требаше да биде завршено пред десет години.  На денешната пресконференција по овој повод, вицепремиерот за спроведување на Охридскиот договор, Муса Џафери, амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалајнен и експертот делегиран од ЕУ, Питер Фејт објаснија како ќе се одвива процесот на анализа.

Вицепремиерот Џафери рече дека мора да се надгради и збогати приодот и суштината на Рамковниот договор, затоа што, според него, унапредувањето на албанскиот јазик и правична застапеност и по 14 години се уште не се исполнети.

-Уставот нè обврзува да има позитивна дискриминација, да им се даде дополнителна шанса на заедниците кои се малцинства и никогаш целта на Охридскиот договор не е тоа да биде на штета мнозинството. Ние заедно треба да го изградиме пристапот дека Охридскиот договор не е бенефиција само за Албанците или за другите заедници, туку дека е во полза за сите, додаде Џафери.

Во анализата на Рамковниот договор се вклучени  шест работни групи кои ќе го анализираат прашањето на застапеноста, употреба на јазикот, децентрализацијата, недискриминацијата, образованието и прашањето за етничките малцинства. Резултатите од анализата ќе бидат објавени во декември, по што ќе треба да се преземат конкретни мерки за доисполнување на имплемантацијата.

Поврзани новости