К-15 покажа дека е бренд кому времето не му може ништо!

by Fokus

Три по ред полни арени во Скопје, за 30-годишниот јубилеј на К-15, на кои публиката со огромен аплауз им се заблагодари на хумористите од шоуто со чии култни скечеви пораснаа многу генерации, а истите и денес се актуелни и подеднакво смешни, иако се создадени пред две-три децении.

Цацко Конопишки, Миле Паника и Тошо Малерот, односно Љупчо Бубо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров, во Арена Борис Трајковски викендов приредија шоу за кое долго ќе се раскажува, но и ја разбудија носталгијата за К-15, хумористичната емисија која уште со првото појавување во далечната 1994 година на малите екрани, ги освои симпатиите на јавноста. Иако последната епизода на шоуто беше прикажана во 2013 година, сепак, според јавните реакции по повод јубилејот, К-15 исто како воопшто да не паузирале, а нивната оригиналност беше дочекана со смеа и овации.

Шоуто беше во режија на Синиша Ефтимов, а К-15 со своите хумористични осврти на апсурдните општествени ситуации во земјава, покажа уште еднаш дека нашиот народ умее да се смее до солзи на своја сметка.

Но, најсилната порака е што триото на свој хумористичен начин, испраќа критика за системот и општествените небулози со кои нашиот народ живее.

– Прославивме историја со нова историја – три по ред полни арени! Публико, ви се поклонуваме за целата поддршка, секој аплауз и гласна смеа низ овие 30 години К-15, порачаа од К15 на својата официјална страница по последното, вчерашно шоу.

Исто така, пред одржувањето на настаните, порачаа – Уште сега, и толку е. Сепак, по огромниот интерес и позитивните јавни реакции, љубителите на овој беспрекорен хумористичен бренд, се надеваат дека сепак, ќе има реприза.

Вики Клинчарова

Поврзани новости