Јулија, најдобра студентка на Филозофски факултет: Во кафуле отидов како предатор од видео-игра!

Завршила со просек 10.00, за „Фокус“ реши да ја раскаже својата приказна

by Fokus

Јулија Митревска од Охрид е еден најдобро дипломираните студенти на Филозофскиот факултет.

Таа на студиската програма по историја завршила со просек 10.00, а за „Фокус“ реши да ја раскаже својата приказна. Митревска има необично хоби – креација на костими инспирирани од грчка, словенска и нордиска митологија.

Нашата соговорничка е среќна по наградата што ја доби и верува дека и во иднина ќе продолжи со нејзините успеси.

„Генерално не учев „кампањски“. Секојдневно издвојував време да го прочитам новиот материјал и да составам кратка компилација од посочената литература и белешките од предавања. Подготовката за колоквиум ми беше редуцирана на два дена пред полагање. Тоа ми овозможуваше идеален баланс помеѓу времето предвидено за завршување на факултетските обврски и социјалниот живот.

 

Но, истото не можам да го кажам и за испитите.Непосредно пред испитна сесија се „губев“ меѓу страниците од книгите, особено затоа што стануваше збор за предмети кои влегуваат во мојата сфера на интерес, па поради тоа знаењата ги надградував со дополнителна литература. Се сеќавам првата година на одмор патував со учебник по античка историографија во рацете“, раскажува Митревска.

И покрај тоа што имала висок просек под кој обично се подразбира многу учење, таа секога наоѓала време за социјален живот во Скопје.

„Често одев по свирки и концерти, а максимално ги користев и бенефициите кои ми следуваа како студент, особено посетата на музеи и евтините билети за меѓуградски превоз. Искрено, ми фалат кафињата испиени со колегите во „Мавровка“ проследени со луди теории“, додава таа.

Митревска моментално заменува колешка во две основни училишта во Центар, каде предава историја, граѓанско образование и класична култура во европската цивилизација.

На нејзините предавање, раскажува таа, се обидува на еден поразличен начин да им го доближи знаењето на учениците.

„Главно сум фокусирана кај моите ученици да развијам критичко мислење и секако, да ја скршам стигмата дека околу историјата строго гравитира фактографското помнење клучни личности, настани и години. Испрашувањата повеќе се сведуваат на дискусија и дебата, одошто класично повторување на она што го пишува во учебникот. Клучно е да створиш една интересна приказна зачинета со хумор и референци од филмови и видео игри со историска содржина.

 

Инспирирана од видео на извесен доктор по античка историја (Roel Konijnendijk) кој ги анализира стереотипните претстави и грешките што се провлекуваат пред се во холивудските филмови, решив да го применам истиот метод со надеж дека од една страна учениците ќе се поттикнат да размислуваат покритички, а од друга страна, преку грешките во поп-културата со која секојдневно се опкружени, ќе запомнат и како нештото навистина изгледало“, смета таа.

Митревска додава дека понекогаш им чита изворни описи на одреден историски настан, а потоа од учениците бара да создадат свој карактер кој ќе го вметнат во приказната.

„Часовите по класична култура дозволуваат и поголема креативност, поради што патуваме низ времето преку виртуелните прошетки низ класичниот свет, создаваме друштвени игри актуелни во антиката и дегустираме храна, а во една пригода изработив и римска облека која ми послужи како нагледно средство“, вели нашата соговорничка.

Таа има мошне необично хоби – изработка на костими кои се инспирација од грчката, словенската и нордиската митологија. Како што додава Митревска, тој момент се појавил спонтано.

„Тоа беше многу спонтан, но логичен след од премрежувањето на моите две пасии. Креирањето облека карактеристична за одредено божество ја гледав како начин визуелно да ја изразам мојата интерпретација, базирана врз извори и археолошки сведоштва. Во процесот на отелотворување на персефона есенцијално беше да се акцентираат двата комплементарни аспекти кои во едно ги симболизираат двете фази на годишниот циклус. Фотосесијата беше производ на соработката со Ѕвонко и Мартина кои во еден прилично студен февруарски ден овозможија идејата да се материјализира.

 

Сметам дека „жртвата“ беше неопходна зашто снегот, во комбинација со черепот, идеално ја доловија „господарката на подземјето“ и религиската алегорија на смртта. Од друга страна, таа се јавува како Коре, поради што со Мартина се погриживме и за нејзините вегетативни аспекти со кои го враќа животот.  На главата носев венец од златни гранчиња споменати при патувањето на Ајнеј во светот на мртвите“, раскажува Митревска.

Исто така, таа прави и необични транформации во ликови од стрипови и видео-игри,а идејата дошла после играњето на една игра.

„Идејата ми се роди уште во средно, додека ја играв Assassin’s creed Unity. Видео игрите овозможуваат да се поистоветиме со одреден виртуелен карактер, но што доколку и во реалноста станеме ликот со кој минуваме пред екраните? Го отворив гардероберот и искомбинирав некои стари парчиња облека кои беа речиси идентични со аутфитот на Élise, и така облечена заминав во кафуле. Lafleur верувам беше меѓу првите очајнички обиди за косплеј, кога се уште не бев запознаена со целиот тој концепт.

 

Катализатор беше карантинот и еден смртен случај, кога затворена меѓу 4 ѕида, бегството од реалноста го пронајдов во универзумот кој беше собиралиште на високите елфови од Валинор, калдореите и останатите фиктивни ликови. Таквата дружба изискуваше и специфичен кодекс на облекување. Започнав да импровизирам со алишта и материјали кои ми се наоѓаа при рака. Така настанаа Poison Ivy, Kazumi Mishima, Blossom, Psylocke и Elektra“, вели таа.

Слободното време го искористила за да научи како се користи машината за шиење, чиј финален продукт бил Dark Phoenix. Потоа била воведена во светот на ева пената која отворала бескрајни хоризонти.

Првиот обид да го создаде марморот од Катарина (видео-играта League of Legends) бил неуспешен. Било тешко и да се пронајде фотограф, особено со оглед на тоа што некои луѓе едноставно не се нафаќаа да излезат од својата комфор-зона и да направат нешто поразлично, меѓутоа секој има различен пристап кон нештата и тоа е за почит. Сега, работите се смениле и има одлична соработка со неколку фотографи.

Иако не било отсекогаш така, Митревска имала голема поддршка во нејзините креации и интересни фотографии на социјалните мрежи.

„Ја имам максималната поддршка, иако тоа не беше од секогаш така. Верувам дека со текот на времето, луѓето започнаа да го ценат вложениот труд и креативност. Што се однесува до мешањето на мојот професионален и приватен живот, учениците ги држам на дистанца и немаат пристап до моите социјални мрежи“, истакна таа.

Својата иднина ја гледа во нејзината примарна професија, но тоа не е знак дека ќе се откаже од своето хоби.

„Иако периодов ги истражувам Мојрите и работам на изнаоѓање идејно решение како да ги доловам нивните аспекти преку фотографија, за жал не ја поседувам нивната моќ. На професионален план најмногу ме исполнуваат научните истражувања и сите предизвици кои следуваат со нив. Но, тие не се опструкција да продолжам и со моето хоби. Напротив, во мојот свет тие одат рака под рака“, ја продолжува Митревска својата приказна.

Иако дел од успешните студенти не се гледаат во Македонија, не е таков случајот со нашата соговорничка.

„Просекот е рефлексија на моите интереси и љубов кон историјата, а не долгорочна замисла и амбиција за одредено работно место. Својата иднина ја гледам во Македонија каде се надевам дека ќе придонесам за развојот и популаризирањето на историската наука преку статии и фотографии“, го заврши разговорот оваа студентка.

Фото – Мартин Јовчески, Мартина Салова Чешновар, приватна архива

Јорданчо Цветаноски

 

Поврзани новости