Јовески за Фокус: Повеќето обвинители и судии не се плашат од прочистувањето

by fokus

Ги поддржувам заложбите за реформи во правосудството, затоа што досегашното работење покажа низа слабости и поттикна недоверба на јавноста во правосудните институции, вели во интервју за „Фокус“, републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Тврди дека повеќето судии и обвинители не се плашат од процесот на прочистување и ја уверува јавноста дека голем е бројот на чесни, стручни и професионални. Тој зборува и за условите во кои работат обвинителите, но и за дисциплинските постапки кои се водат против дел од нив

ФОКУС: Против кои двајца обвинители јавното обвинителство има поведено дисциплински постапки кои треба да ги испитува Советот на јавни обвинители?

ЈОВЕСКИ: Јавното обвинителство има поведено дисциплински постапки не против двајца, туку против тројца обвинители поради нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител. Имињата не можам да ги откријам бидејќи постапката се уште не е конечно завршена и Советот на јавни обвинители треба да одлучува по жалбите изјавени против одлуката на дисциплинската комисија.

ФОКУС: Каква е процедурата за поведување на дисциплинска постапка за јавен обвинител?

ЈОВЕСКИ: Во Законот за јавно обвинителство е уредена дисциплинската постапка за утврдување одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда. Се спроведува по образложен предлог пред комисија составена од пет члена. Доколку по спроведување на постапката комисијата оцени дека предлогот е основан, со решение ја започнува дисциплинската постапка. По одржување на седници на комисијата и преземање на сите дејствија согласно законот, комисијата утврдува дали е сторена дисциплинска повреда и доколку е, тогаш со Решение изрекува една од пропишаните санкции согласно законот. Ако комисијата утврдила повреда за која согласно законот е предвидено разрешување на јавниот обвинител, тогаш со предлог, постапката продолжува во Советот на јавните обвинители.

ФОКУС: Што мислите за најавите на власта за прочистување на судството и обвинителите?

ЈОВЕСКИ: Ги поддржувам заложбите за реформи во правосудството, затоа што досегашното работење покажа низа слабости и поттикна недоверба на јавноста во правосудните институции. Потребно е подобра функционирање и на судството и на обвинителството и затоа ги поддржувам напорите за согледување и решавање на проблемите. Од тоа не се плашат повеќето обвинители и судии и верувам дека повеќето од нив ќе се вклучат во процесот на реформи. Иако јавноста има изградено мислење кое не оди во полза на судското и јавно обвинителското постапување, бидете уверени дека голем е бројот на чесни, стручни професионалци кои постапуваат по словото за законите. Исто така, сметам дека треба при било која оценка да се земат предвид и условите во кои работат судиите и обвинителите, потребните ресурси ( човечки и технички) за ефикасно работење и во моментов можностите за најефективно работење кои ги имаат. Имајќи предвид многу аспекти на постапувањето, сметам дека било која интервенција, треба да биде многу добро осмислена, со правилна, независна методологија спроведена од стручни компетентни лица. Воедно, сметам дека таков заеднички процес, изграден врз мерливи и јасни критериуми, спроведен од компетентни и стручни лица, треба да биде раководен од судовите, од обвинителството. Имено, јавноста, исто како и судиите и јавните обвинители, треба да се уверени дека процесот на реформи е неопходен и итен, и дека се врши без притоа да се навлегува во судската власт и независноста на институциите.

ФОКУС: Дали овој процес ќе биде успешен и колку сте задоволни од работата на обвинителите?

ЈОВЕСКИ: Има поголем број на предмети, а многу мали ресурси на кои можеме да се потпреме. На годишно ниво во јавните обвинителства се водат постапки во просек против околу 30 000 полнолетни сторители на кривични дела. При тоа, немаме доволен број јавни обвинители, нема стручни соработници, нема основни технички услови за работа. До скоро немавме средства за да ги подмириме трошоците за преводи, вештачења… Тоа се наталожени проблеми од минатото, кои се навистина лимитирачки фактор во заложбите максимално да одговориме на поставените задачи. Имајќи ги предвид сите аспекти јас сум задоволен од досегашното работење.
Истовремено сметам дека има простор за подобрување на севкупното работење и верувам дека процесот на реформи кон кој сите заедно се стремиме ќе даде резултати.

ФОКУС: Се сретнавте со министерот за правда, Маричиќ, што разговаравте и според вас кои се проблемите со кои се соочува правосудството?

ЈОВЕСКИ: Имплементацијата на новиот Закон за јавно обвинителство и претстојните реформи во насока на унапредување на јавнообвинителскиот систем беа тема на средбата што ја имав со министерот за правда. Потенцирав дека Јавното обвинителство има итна потреба од зајакнување на материјалните и кадровските капацитети, што опфаќа доволно финансиски средства за работа, нови јавнообвинителски места и јавнообвинителски советници.

ФОКУС: Како вие ќе придонесете во враќањето на довербата во правосудството?

ЈОВЕСКИ: Јавниот обвинител врши една од најзначајните функции во општеството – се грижи за ефикасноста на кривичноправниот систем. Во моментов се преземаат бројни активности со кои очекувам јавното обвинителство да се зајакне во респектиран, независен, функционален систем кој го почитува владеењето на правото и ефикасно ги гони сторителите на кривични дела.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости