Јовески: Обвинителството беше неефикасно, а во Советот останував сам, но тоа може да се промени

by fokus

Владиниот предлог за нов јавен обвинител, Љубомир Јовески, вели дека доколку биде избран за наследник на Марко Зврлевски ќе ја смени сликата за Основното јавно обвинителство како партизирана институција. Во изјава за „Дојче веле“, Јовевски објаснува дека конкурирал на огласот за јавен обвинител затоа што во тоа гледал професионален предизвик.

„Особено во ова време кога е неопходно враќањето на довербата во Обвинителството. Доколку бидам избран, Обвинителството ќе постапува во согласност со законите, ќе биде ослободено од партиските стеги и центри на моќ. За жал, сегашната состојба во Обвинителството не е на завидно ниво, тоа беше подложно на партиски влијанија и евидентен беше селективниот пристап кон правото. Обвинителството беше неефикасно, пристрасно и зависно“, вели Јовески.

Тврди дека тоа може да се промени, бидејќи во Обвинителството има професионалци кои го зачувале интегритетот и не подлегнувале на притисоци.

Јовески до сега ја извршуваше функцијата член на Советот на јавни обвинители, тело кое исто така беше мета на критики од стручната јавност поради одлуките што ги носеше, а кои беа во корист на претходната власт.

„Иако за многумина е непознато, во Советот на јавните обвинители, во овие речиси две години откако сум член, гласав спротивно на мнозинството, и на моменти останував сам, или поддржан од уште еден обвинител. Се држев до изреката дека вљубеникот во правото и правдата треба да биде подготвен често да биде и сам. Особено ми е драго што по две години за прашањата за кои имав издвоено и различно мислење од мнозинството во Советот, одлуките се изменија така како што јас тогаш гласав. Особено за незаконското пензионирање на јавните обвинители и незаконските одлуки на Советот за надлежноста по предметите на СЈО“, објаснува тој за „Дојче веле“.

Јовески има долгогодишно искуство во правосудството. Неговата кариера почнува во Секретаријат за правосудство и управа, во областа на извршувањето на санкциите за крвични дела.Четиринаесет години бил судија во Основниот суд Скопје 2, а во еден мандат претседател на Судот. Како јавен обвинител во Јавното обвинителство работел 13 години, пред да стане член на Советот на јавните обвинители.

 

Поврзани новости