Музичарот Пеѓа Јовановиќ на 15-ти мај во Спортски Центар „Јане Сандански“ ќе го одржи својот прв концерт во Скопје. Истиот беше одложен поради трагедијата во Кочани, а музичарот ветува вечер со многу музика и музички гости кои ќе бидат изненадување за публиката.
Од организацијата на настанот, Евент Продукција, велат дека Пеѓа е еден од ретките на сцената, кој за релативно кратко време стекна голема популарност, без ниту една медиумска афера, туку само со музика.
Својот прв албум ,,24/7” го издаде пред само две години, и успеа да распродаде осум МТЦ сали во 2023 година, а наредната 2024 година распродаде три концерти во Сава Центар.
-Не само неговите авторски песни, туку и емоцијата со кои ги пее преработките на песни од неговите колеги, е она кое не може, а да не остане незабележано од публиката. Има уникатен стил на изведба, затоа и нумерите од неговиот албум и по една година од издавањето останаа на врвот на музичките топ листи, велат од организацијата на концертот.
Настанот ќе започне во 20.00 часот, а со Јовановиќ ќе настапи и неговиот Big Concert Orchestra, а влезниците се во продажба.
Вики КЛИНЧАРОВА