Јованоски: Граѓаните сакаат забава, но, како лекар, не можам да дозволам „Пивофест“

by Fokus

И годинава ќе изостане организирањето на фестивалот на пивото во Прилеп – Пивофест. Поради состојбата со корона вирусот, овој фестивал нема да се одржи и покрај неговата неколкугодишна традиција.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски во интервју за „Фокус“ говореше за целата ситуација и беше категоричен дека здравјето на луѓето е најважно.

Најважна и пресудна причина за неодржување на Пивофест, беше епидемиолошката состојба со вирусот Ковид-19 во градот и државата, во месеците наназад. За организирање на фестивалот на пивото, потребни се неколку месеци, период во кој покрај другото треба да се договорат и закажат музичките групи и изведувачите. Во таа насока, сите сме свесни дека од почетокот на годината, ситуацијата со коронавирусот не беше поволна, нејзиниот развој тешко се предвидуваше, а на сила беа остри рестриктивни мерки, кои забрануваа целосна организација на вакви настани. Во ниту еден момент нема да дозволиме да биде загрозено здравјето на граѓаните. Како градоначалник, како лекар и како човек, сметам дека би било неодговорно и недозволиво со организацијата на еден таков масовен настан каков што е „Пивофест“, да ризикуваме предизвикување на нови кластери на заболени со вирусот Ковид-19 во нашата општина“, вели Јованоски.

Првиот човек на градот под Марковите кули сфаќа дека луѓето сакаат и малку забава ова лето и дека економскиот бенефит за локалците е многу важен.

Таквите активности, во моменталната ситуација носат преголем ризик за влошување на епидемиолошката состојба во градот. Колективното здравје мора да ни биде пред се’ и над се. Во контекст на сето ова, би направил една компарација со организацијата на минатогодишниот карневал „Прочка 2020“, за чие одржување интензивно се подготвуваме во месеците јануари и февруари, а беше откажан заради пандемијата со Ковид-19, која тогаш беше на сам почеток. Од оваа временска дистанца, имајќи ги предвид сите последици и човечки трагедии кои ги предизвика вирусот, слободно можам да кажам дека одлуката да не се одржи карневалот, беше исправна и во интерес на здравјето на граѓаните“, додаде Јованоски.

Овој фестивал се одржуваше во последните денови на месец јули, а гостуваа естрадни ѕвезди од Македонија, но и од поранешна Југославија.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости