Јован Радњански: Договорот со Грција може да се поништи само преку успешен референдум со мнозинство гласови против

by fokus

Музичарот и дипломиран правник, Јован Радњански, по четири години во Австралија, заедно со сопругата Марија и синот Дамјан се врати во Македонија. Вели дека ќе останат шест недели, а потоа се враќаат назад.

Радњански во минатото беше голем критичар на власта предводена од ВМРО ДПМНЕ и не се плашеше отворено да го изнесе своето мислење и критики. Денес, по промената на власта, тој вели дека од она што го видел по враќањето, верува како Македонија се движи кон просперитет и иднина, но сепак жалел за генерациите кои изгубиле многу поради лошите политики на ВМРО ДПМНЕ.

Тој, како дел од дијаспората, ги сподели своите видувања за актуелните случувања во земјава, посебно околу Преспанскиот договор, Македонија во ЕУ и НАТО, но и околу реакциите и повиците на бојкот на референдумот на дел од дијаспората. Тврди дека голем дел од населението не е доволно информирано и како малкумина седнале и го прочитале договорот, но и како оние од дијаспората кои повикуваат на бојкот на референдумот се многу гласни, што не значи и дека се многубројни.

-По 4 години во Австралија конечно се вратив во Македонија на неколку неделен престој со сопругата Марија и син ми Дамјан. Македонија ни е во срцето и ја чувствуваме како свој дом со оглед на тоа дека јас тука сум роден, а Марија 4 години живееше во Македонија и премногу ја засака. Можеби требаше да не чекаме толку долго да се вратиме, но Австралија е далеку и не бевме сигурни дали нашиот син Дамјан ќе го го издржи патувањето, но се помина во најдобар ред. Веќе сме тука десет дена и го уживаме секој момент, патуваме и сакаме да разгледаме што е можно повеќе. Имаме 6 недели и мислам дека е доволно да ја разгледаме Македонија, барем она што не смее да се пропушти.

Морам да признаам дека од она што го видов за овие 10 дена ми влева надеж дека Македонија се менува на подобро, видов надеж во очите на моите сограѓани, а и многу верба дека Македонија конечно чекори кон просперитет и иднина. Среќен сум посебно за младите во Македонија, а истовремено жалам за генерациите кои изгубија многу поради исклучително лоши политики на предходниот режим на кој што и јас бев една од жртвите – вели кавадарчанецот.

Тој додава дека лично смета како Македонија може да просперира единствено ако се интегрира во ЕУ и НАТО, и верува како не постои друга алтернатива.

-Народот тоа добро го знае. Исто народот знае дека единствен пат кој води кон интеграција е Преспанскиот договор. На прашањето: Дали е добар? Би одговорил дека секогаш може и подобро. На прашањето: Дали е неопходен? Категорично ДА. Дали во иднина би можело да се постигне подобар договор? МОЖЕБИ. Но мораме да признаеме дека времето не работи за нас и некој иден договор сигурно би бил полош од актуелниов. Моментот на две левичарски влади предводени од премиери кои гледаат многу подалеку од сопствениот рејтинг, може да се случи еднаш на 100 години и мора да се искористи. Јас сум правник по професија и знам да ги читам и толкувам договорите. Овој договор ја отсликува реалноста и е коректен. Во делот на името ја отсликува реалноста, а во делот на признавањето на македонскиот јазик и националноста е повеќе од коректен. За прв пат имаме потврда на нашиот идентитет и преку јазикот и преку националноста и преку изведените придавки. Впрочем овој договор уредува многу повеќе од името, јазикот и националноста , но за жал многу малку за тоа се дискутира. И најважно од се овој договор ни овозможува да се интегрираме, да бидеме на иста маса со најразвиените, да имаме прво на вето, да одлучуваме за идниот светскиот поредок како дел од најмоќните светски организации – тврди Радњански.

Вели дека добро ја разбира загриженоста на дел од народот, бидејќи нација која единаесет години живеела во илузија и пропаганда не може да се очекува да се смени преку ноќ.

-Политичарите во Македонија треба да им објаснат на граѓаните дека решавањето на статусот на Косово без ние да бидеме на масата со оние кои што одлучуваат, би можело да биде несреќно за Македонија, впрочем историјата барем не научила дека спорови како овој секогаш се решавале на грбот на македонскиот народ.
Истовремено можам да ја разберам загриженоста на на дел од граѓаните на Република Македонија. После 11 години живеење во илузија, лаги и пропаганда за нашиот идентитет и посебност би било некоректно да се очекува преку ноќ да се смени тоа. Она што грчката пропаганда во минатото не успеа да го направи со цел да не асимилира претставувајќи не и убедувајќи не дека сме она што не сме, во многу блиското минато во најагресивна верзија тоа се правеше со државни пари од сомнителни авторитети. Единаесет години се живееше во илузија, а процесот на атиквизација дирекно имаше влијание на можноста да се постигне поповолно решение од сегашното решение. И кои се резултатите? Лажен барок, пародија од архитектура, фонтани кои фрлаат фекалии и баткериолошки неисправна вода во Вардар, реконструкција на градби градени во духот на српскиот империјализам, загаден воздух, збунет и излажан народ – раскажува Радњански.

Околу референдумот, вели дека би требало на секој граѓанин да му се достави копија од договорот со Грција, за луѓето сами да можат да ја увидат суштината. Според него, референдумот како облик на непосредно изјаснување е најсилното оружје на граѓаните и не смее да се пропушти.

-Во делот на референдумот и референдумското прашање сметам дека се коректни. Можеби прашањет е малку комплексно, но едното зависи од друготото. Не може да го прашате народот дали е за влез во НАТО и ЕУ без притоа да го поврзете членството во овие организации со прифаќање на договорот со Грција и обратно. Единствен проблем во референдумското прашање е тоа што дел од прашањето се регулираат со дополнителен , а друг дел со консултативен референдум, но и кај едниот и другиот резултатот е задолжителен.

Референдумот како облик на непосредно изјаснување е најсилното оружје на граѓаните и тоа не смее да се пропушти. Бојкотот е најлошата варијанта во конкретниот случај. Народот треба масовно да излезе и да гласа ЗА или Против во согласност со своите убедувања. Неуспешниот референдум во никој случај не значи дека овој договор е мртов, туку напротив.

-Овој договор може да се поништи само долколку референдумот е успешен а притоа мнозинството гласови е против. Хипотепички, ако на референдумот мнозинството би гласало ЗА, а притоа цензусот е исполнет, договорот ќе продолжи да живее и на ред се уставни измени. Ако на референдумот мнозинството би гласало ПРОТИВ, а притоа цензусот е исполнет тогаш договорот не може да продолжи да живее и не можат да се спроведат уставни измени. Доколку референдумот е неуспешен, без притоа да се земе во предвид како гласало мнозинството (од правна не од морална гледна точка) договорот по автоматизам продолжува да важи, бидејки договорот е донесен и ратификуван во Собранието тој мора да се почитува (Pacta sunt servanda) без притоа да навлезам на однесувањето на Претседателот кој еднаш воспостави уставен преседан користејќи ја неперфектната норма на уставот во делот на санкциите за негово непочитување. Бојкотот на референдумот значи дека народот не е подготвен непосредно да донесе одлука на ова прашање, туку сака ова прашање да биде регулирано преку институциите кои го претставуваат. Успешен референдум со мнозинство ЗА би значело мандат на пратениците да го отворат уставот и преку амандмани да го спроведат договорот од Преспа за кој се потребни 2/3. Но и јасно изразена волја ЗА може да представува пречка за уставни промени во делот на обезбедување 2/3 мнозинтво, ако се земе предвид однесувањето на опозицијата, хировите за амнестија, затскривајќи се зад оној процент на население кое гласало против, а притоа ризикуваќки како партија да станат минато.

Кога сме кај капањата за референдумот, имајќи ги предвид најновите анкети, добив впечаток на неиформираност на населението за договорот со Грција. Многу мал процент го прочитале иако е јавно достапен. Би било потребно и пожелно во текот на кампањата на секој граѓанин да му се достави копија од договорот за да може сам да увиди што е суштината. Договорот е прецизен и не треба некоја посебна техника за толкување – појаснува Радњански.

Околу повиците на бојкот на референдумот, од страна на дел од дијаспората, тој како дел од истата вели дека луѓето се поделени. Сепак, тие кои што биле за и против бојкот, не биле толку многу, но поради тоа што биле доста гласни оставале впечаток дека се многубројни.

-Кога сме кај дијаспората, каде што и јас припаѓам, добив впечаток дека и таа е поделена како и граѓаните на Република Македонија. Има и за има и против има и такви кои се во илузија дека бојкотот е добро решение, без притоа да прецизирам кое мислење преовладува. Оние кои се против и за бојкот не се толку многу, но се многу гласни и оставаат впечаток дека се многу. Но како и да е и резидентите и нерезидентите државјани на Република Македонија подеднакво имаат право на свое мислење и подеднакво ја сакаат Македонија. Македонија ја сакаат и тие што се за и тие што се против, оставува да видиме во некоја иднина кои бил повеќе, а кој помалку во право – ни изјави Радњански.

Вики Клинчарова

Поврзани новости