Јоце Панов: Ирена и нејзиниот партнер ги задолживме да ни доловат љубов, сите се покажаа во најдобро светло!

by fokus

Поп пејачот Јоце Панов ги промовираше видео записите за песната ,,Мојот град”, која ја сними на македонски и на српски јазик (,,Светла града мог”) снимени во гостилницата ,,Мерак” во Скопје. Нумерата е во староградски стил, со звуци на тамбури и мандолини, а во музичкиот спот се појавуваат повеќе јавни личности од различни општествени сфери.

Во кадар често може да се види и водителката Ирена Спировска со нејзиниот партнер, како расположено наздравуваат додека Јоце им пее, а тој вели дека без двоумење решил во снимањето да ги вклучи сите луѓе кои биле дел од неговото секојдневие и кои му биле блиски во животот, наместо како во минатото да ангажира модели.

-Ирена блескаше како сонце на снимањето, многу ја почитувам. Сите присутни ми ги разубавија спотовите со својата енергија и искрена емоција. Бизнисмени, водители, новинари, музичари, сите кои ми значат и кои ми се блиски се појавуваат во видео записите за песните. Подобра екипа не можев да посакам! Снимањето помина во опуштена атмосфера, со моите драги личности кои се врвни професионалци во своите области, а истовремено и големи боеми, уживаат во добра песна и квалитетно вино. Воопшто не беше тешко да се долови амбиентот кој го посакувавме, се надевам дека и публиката ќе биде задоволна.

Се решив за снимање во скопската Гостилница Мерак, бидејќи според мене има најдобар амбиент кој ни беше потребен. Бидејќи го снимавме во услови на пандемија, снимавме по протоколи на СЗО, и затоа имавме само четири маси со по две, три или четири лица на маса.

Намерно избравме секоја маса да има своја приказна, да се долови момент на елеганција и префинетост, како што е улогата на главната девојка со ракавици, капче, во еден отмен фазон, исто така доловивме љубов, пар кој ужива на тамбураши со вино, тоа ни го долови нашата Иренче Спировска, а го доловивме и оној боемски кафански момент со останатите маси и друштва. Многу ми е драго што прифатија да бидат дел од ова видео, затоа што сите овие личности се познати и видни во нивните професии, а и во скопскиот боемски живот – вели Панов,  а новите музички дела веќе имаат голем број на прегледи на музичкиот канал Јутјуб.

-И во минатато снимав песни на македонски и на српски јазик, бидејќи имам верна публика и во Србија, каде бев чест гостин пред пандемијата.  Исто така, снимам на два јазика, скоро сите мои песни во две верзии на македонски и српски јазик, затоа што моја куќа во Србија е Сити Рекордс и тие ги издаваат моите песни и албуми веќе 10 години– појаснува штипјанцеот, кој со сопругата и со синот Лука веќе извесен период живее во Скопје.

Вели дека во песната се пее за неговиот роден Штип, но и за Скопје, каде топло бил прифатен.

-Мојот град, па среќен сум што можам да кажам дека во секој град во земјава се чувствувам како дома, било да е тоа во Штип, во Скопје, или пак во некое друго место. Македонците ја имаат таа срдечност и топлина, кој да им дојде, можат да направат да се почувствува дека е дома-вели Панов.

Забраната за настапи поради пандемијата со корона вирус ја поминал креативно, работејќи на нови материјали. Пред неколку месеци промовираше песна во брз стил, а сега вели сакал да и понуди на публиката нешто поразлично.

-Во студио ми минува времето, а исто така држам и часови по музичко. Тешко е за сите од музичката фела, но мора да се издржи. Она кое е уште поважно, а кое го видовме сега, во овие времиња кои ја погодија естрадата, е фактот дека мора да бидеме сплотени. Само така, заедно ќе можеме да придонесеме да се сврти вниманието кон нашата професија и она низ кое сега ние минуваме, со цел да се изнајде начин да продолжиме да функционираме и да работиме, без притоа да биде загрозено нечие здравје. Сакам да верувам дека ќе се дојде до некаков компромис и пак ќе се вратиме на сцената – раскажува музичарот, кој пред помалку од две години се оствари и како татко.

-Лука е центарот на мојот свет. Сега е на возраст кога секој ден учи нешто ново, многу е интересно да се минува времето со него. Започнува да оди, љубопитен е, се интересира за музичките инструменти. Навивам за тоа, да тргне по моите стапки еден ден – вели Јоце.

Музиката за песната е на Емир Мекиќ, додека текстот за македонската верзија го напишал Јоце, додека пак за српската е на Емир Мекиќ и се снимало во студиото Анастасија кај Љупчо Павловски. Режисер и сценарист на видео записите е Дарио Јанковиќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости