Јотова: Има само две опции за Бугарија да даде зелено светло за преговарачка рамка за Северна Македонија

by Fokus

Постојат само две опции за Бугарија да даде зелено светло за преговарачката рамка за Северна Македонија со ЕУ, со кои треба да се вметнат бугарските барања за почитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји, изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.

– Или ќе инсистираме во преговарачката рамка за Република Северна Македонија да има последно поглавје и за време на процесот на преговори да следиме дали се почитува Договорот за добрососедство или во неа да се вметнат барањата на Бугарија за почитување на Договорот, нагласи Јотова во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Според Јотова, која е членка на опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), кога настана целиот случај со Република Северна Македонија, немало ниту една земја членка на ЕУ што го поддржа бугарскиот став, што е жално, па Бугарија речиси една година изгубила време да им ја објасни својата позиција на европските партнери и да ги придобие на своја страна.

– Имаме цврста и консензуална позиција со европските институции во врска со Република Северна Македонија. Имаме заедничка рамковна позиција со Владата. Сепак, има пропуст што речиси една година изгубивме да им ја објасниме позицијата на нашите европски партнери и да ги придобиеме на наша страна, нагласи Јотова.

Поврзани новости