Јоханес Хан одлуката за избори ја остава на ДИК, ОБСЕ и меѓународните претставници

by Фокус 12:28
12:28

Еврокомесарот Јоханес Хан, денеска во изјава за МИА одби да каже дали и кога ќе пристигне во посета на Република Македонија, но потврди дека предвремените парламентарни избори на 24 април зависат од оценката на ОБСЕ/ОДИХР и на Државната изборна комисија за тоа дали се обезбедени условите за нивно одржување.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, иако беше најавено доаѓање на Хан во Скопје во средината на овој месец, при што најмногу се шпекулираше со 19-ти февруари (петок), сепак, можно е еврокомесарот воопшто да не дојде во Македонија и да остави на амбасадорот на Европската унија, Аиво Орав и на САД, Џес Бејли, да соопштат дали има услови за одржување на фер и демократски избори.

- Advertisements -

– Имавме договор од јуни/јули минатата година и дел од овој договор е одржувањето на предвремени избори. Но, не можам да ви дадам одговор во моментов. Зависи од исходот на оценката на меѓународните институции и на Државната изборна комисија, за зрелоста за подготовка на изборите. Потоа, тие треба да донесат одлука, истакна Хан во изјава за МИА.

Двоумењето на Јоханес Хан дали да дојде во Македонија, според извори од Европската комисија што инсистираат на анонимност е со цел тој да не влезе во нов вртлог на политички преговори. Во тој контекст се појавија и шпекулации дека е можно да ги повика политичките лидери Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ) на разговори во Брисел, што според изворот на МИА е далеку од реалност.

 

Поврзани новости