Јеремиќ: Груевски и Мијалков переле пари преку српските власти

by fokus

Претседателот на Народната партија од Србија, Вук Јеремиќ ги повика денеска истражните органи да ја испитаат врската меѓу Воислав Спарвал, директор на фирмата СЦМГ која го купила крупевачкиот „14 октомври“, со поранешната македонска власт, пренесе НОВА ТВ.

Јеремиќ за „ТВ Наша“ рекол дека не се точни тврдењата на Српската напредна партија дека е најден стратешки партнер за „14 октомври“, кој е под стечај од јануари 2016 година, кога фирмата беше проценета на околу 48 милиони евра, туку чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври оваа година преку белградската фирма СЦМГ ја купила само централата на крушевачката фабрика за четири милиони евра и тоа преку директна спогодба, без јавна лицитација.

– Само е приграбен имотот, отпуштените работници не се вратени на работа – вели Јеремиќ.

Тој наведува дека по законот, директните спогодби за купопродажба важат само во специјални случаеви, а „специјално во овој случај е што оваа година во Македонија е соборен диктаторски и длабоко корумпиран режим на Вучиќевиот политички брат близнак Никола Груевски“.

– Тогаш луѓето од тој режим, а пред сите Сашо Мијалков, поранешниот шеф на тајната полиција и десна рака на Груевски, панично почнаа да извлекуваат пари од стечајни корумптивни фирми во Македонија и да ги пласираат по разни шеми, преку рајски острови, Холандија, а во случајот „14 октомври“, преку Чешка – вели лидерот на Народна партија.

Јеремиќ додава дека во Македонија се води крајно сериозна истрага во која учесвтуваат и меѓународни органи, за Мијалков и други луѓе од поранешниот македонски врв, и ги повика српските истражни органи да истражат за „14 октомври“.

Поврзани новости