Над 80 отсто од дискотеките ќе бидат затворени оти не ги исполнуваат условите за работа, вели Мицкоски

by Fokus

Над 80 отсто од дискотеките во земјава ќе бидат затворени и нема да работат бидејќи не ги исполнуваат минимално-техничките услови за работа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето во дневникот на телевизија Сител.

После трагедијата во Кочани во која загинаа 59 лица од кои тројца моллетници, а 178 се повредени и на лекување, Пазарната инспекција од вчера е на терен и ги проверува лиценците за работа на дискотеките и кабарињата. Утврдено е дека само 22 дискотеки имаат лиценци, а како што кажа Мицкоски, од овие што имаат добиено дозволи дури половина не ги исполнуваат техничките услови за работа.

„Проверени се 60-70 дискотеки и кабареа. И овие кои на хартија имаат сè, дури и тие не ги исполнуваат минимално-техничките услови. Морам да бидам груб и да кажам без разлика колку и да ми се лутат сопствениците, повеќе од 80 проценти ќе бидат затворени. Колку сакаат нека викаат дека јас сум лош и оваа Влада дека е никаква, но нема играње со оваа работа. Мора да се решат овие работи. Еве, ние додека зборуваме, раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Маврово и Ростуше е фатен како зема мито од странка за завршување на некоја работа. Ние имаме 59 жртви и над 170 повредени, а тој мртов ладен си оди во угостителски објект, си се договара за 13.000 евра мито, си го зема митото и никому ништо“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека му наложил на претседателот на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски сите Општини да излезат во контроли и да ги проверат кафулињата и нивните заградени тераси бидејќи и во нив се приредуваат забави и концерти.

Поврзани новости