Јавноста за првпат му го слушна гласот на Тони Јакимовски: Нема да бегам, имам болна мајка, за која се грижам

by Fokus

Во Апелацониот суд денеска јавноста за првпат имаше можност да го слушне гласот на Тони Јакимовски, поранешниот началник во УБК, обвинет во случајот Тврдина и Таргет на Специјалното јавно обвинителство.

Тој денеска се појави во судот, каде што се одржа јавна расправа по жалба на СЈО да му се одреди мерка притвор, бидејќи претходно Кривичниот суд одлучи само да му се одземе пасошот, а истовремено на располагање му го остави дипломатскиот пасош. Со овој пасош Јакимовски постојано патува надвор од Македонија бидејќи е генерален директор на Меѓународниот центар СЕЛЕК, чие што седиште е во Букурешт, Романија, меѓутоа, застапува 12 европски држави.

– Не се чувствувам виновен и нема зошто да бегам. Речиси година ипол додека траат истражните дејствија на  СЈО секогаш сум се јавувал на нивно барање – истакна Јакимовски, а во тој контекст неговиот адвокат, додаде дека за оваа јавна расправа, тој синоќа специјално пристигнал од Америка, а за денеска откажал состанок.

Обвинителите од СЈО пак, истакнаа дека бараат на Јакимовски да му се одреди притвор бидејќи можел да избега, но и да влијае врз сведоци. На ова Јакимовски реплицираше дека веќе три години не работи во УБК, па затоа не е во контакт со сведоците, а како што рече на минимум ги свел и контактите со поранешените колеги во Управата.

Тој додаде дека и поради семејните прилики немало ризик да бега, односно посочи дека има болна мајка од 86 години, која е речиси непокретна, а тој се грижел за неа.

Поврзани новости