Јавно размислување во услови на криза – ТРИ ПРЕДЛОЗИ ЗА ПОДДРШКА НА ИЗВОЗОТ

by fokus

Многу работи можат да се сменат за неколку месеци. Но веројатно ретко кој на почетокот на годинава можеше да замисли дека за само неколку месеци пандемијата на корона вирусот ќе го доведе светот на работ на најголемата рецесија по големата економска криза. Меѓународниот монетарен фонд во рок од неколку месеци проекциите за светскиот економски раст за 2020 година од 3,3% ги намали на -3%. Очекувањата за негативен раст во еврозоната достигнуваат -7,5%, а во некои од најпогодените држави се дури и поголеми (-9,1% во Италија, -8,0% во Шпанија, па дури и -7,0% во Германија, која е нашиот најголем трговски партнер).

Извозот е еден од главните носители на економскиот развој – извозот може да обезбеди зачувување на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите, особено во овие проблематични состојби. Затоа, на предлозите и иницијативите кои доаѓаат од извозниците треба да им се посвети посебно внимание. Остануваме на ставот дека покренатите предлози треба да се изнесат и во јавноста за да се слушнат мислењата на поголем круг на луѓе, пред тие да бидат изнесени пред органите и телата на Комората и пред Владата на РСМ, за да се стигне до најоптималните решенија.

РЕВИДИРАЊЕ НА ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ НА НИВОТО НА СТАПКИТЕ ВО ЕУ

Предлогот за укинување на царинските давачки или за нивно ревидирање на нивото на царинските стапки во ЕУ не е нов предлог, но сепак е актуелен и повеќе од кога било во тековните состојби, кога производните капацитети се соочуваат со бројни проблеми во работењето кои сериозно влијаат на нивната конкурентност.

По правило, царините во основа треба да остваруваат заштитна функција, што би значело дека обезбедуваат заштита на домашното производство на некои производи, со што се „штити“ нивната конкурентност на домашниот пазар. Затоа, беспредметно се чини наметнувањето на царини, за определени суровини и репроматеријали кои воопшто не се произведуваат, ниту пак некогаш се произведувале во македонското стопанство.

Проблемот е уште повеќе изразен ако се има предвид дека царинските стапки за увоз на суровини и репроматеријали од трети земји во ЕУ, особено оние што се потребни за производство на технолошки напредни производи, се неколкукратно пониски. Бележиме примери на суровини и репроматеријали кои при увоз во ЕУ од трети земји се ослободени од плаќање на царини, или се наплатуваат царини во минимални износи (0,6% или 0,9%), а за истите тие стоки кај нас се наплатуваат давачки од 10% или 15%.

Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство во рамките на Советот на странски инвеститори при Комората, после континуирано инсистирање за надминување на овој проблем, на крајот на декември минатата година единствено успеа да издејствува половично решение (намалување за 50% на царинските стапки за само 12 тарифни броеви, за рок од шест месеци), што ни од далеку не е задоволително решение.

Затоа, потребно е многу повеќе – за да им се помогне на извозниците подобро да се справат со кризата,  потребно е времено укинување на увозните давачки за суровини и репроматеријали, или барем нивно ревидирање на нивото на царинските давачки за увоз во ЕУ од трети земји. Тоа усогласување со царинските стапки во ЕУ и така ќе треба да биде направено во текот на пристапните преговори, па зошто да не се направи веднаш, за да им се помогне на македонските извозници?

МОЖНОСТ ЗА ПРЕБИВАЊЕ НА ДДВ ПРИ УВОЗ НА СУРОВИНИ

И РЕПРОМАТЕРИЈАЛИ СО ПОБАРУВАЊАТА ОД ДРЖАВАТА

Поврзано со претходното е и прашањето за плаќањето на ДДВ при увоз на суровини и репроматеријали, кои понатаму ќе се искористат за производство на стоки што се наменети за извоз. Долги години извозниците укажуваат на ова прашање, што сериозно ја оптоварува нивната ликвидност, во ситуациите кога и самите имаат ненаплатени побарувања од државата по основ на поврат на ДДВ.

Имено, според важечкото уредување, ДДВ при увоз на стоки се плаќа во исто време кога се плаќаат царинските давачки – оваа обврска останува дури и кога компанијата во исто време побарува многу поголеми износи од државата по основ на поврат на ДДВ.

Што значи ова во временски рамки? Ако некоја компанија на 10 април реализира увоз на некоја суровина или репроматеријали, ДДВ треба да биде уплатен истиот ден, без оглед кога готовиот производ ќе биде извезен. Од друга страна, за да се реализира повратот на ДДВ, компанијата треба да поднесе даночна пријава до 25 мај, доколку станува збор за месечен даночен обврзник (ако вкупниот промет на компанијата надминува 25 милиони денари), а повратот за тој месец би требало да биде реализиран во рок од 30 дена по поднесувањето на пријавата – значи до 24 јуни, односно најмалку 54 дена по истекот на месецот.

Роковите се уште подолги ако станува збор за квартален даночен обврзник – тогаш, рокот за поднесување на пријавата би бил до 25 јули, а повратот за тој квартал соодветно би требало да биде направен до 24 август, односно најмалку 115 дена по истекот на месецот кога се реализирале активностите.

Наведеното значи дека извозниците при секој нов увоз на суровини и репроматеријали треба да обезбедат ликвидни средства за плаќање на ДДВ, иако во исто време имаат и побарувања од државата, можеби и неколкукратно повисоки од данокот кој треба да го уплатат. Во услови кога одржувањето на тековната ликвидност е сериозен проблем, барањето за пребивање на обврските при секој увоз уште повеќе добива на важност – за извозниците ова би значело сериозна помош при обезбедувањето на свежи ликвидни средства.

РЕАКТИВИРАЊЕ НА ЖЕЛЕЗНИЦАТА КАКО ТРАНСПОРТНА ОПЦИЈА

Уште едно прашање кое постојано се покренува периодов е прашањето за оптимизација на можностите за поголема искористеност на железничкиот транспорт, посебно во околности кога пандемијата донесе сериозни застои на патните гранични премини и километарски колони.

Бизнис-заедницата со години апелира да не се чека влезот во ЕУ за да се дозволи влез на приватни оператори во железничкиот сообраќај – всушност, некои од примерите од соседството укажуваат дека процесот на либерализација на железничките услуги е најдобро да се започне уште пред отворањето на поглавјето транспорт во пристапните преговори, а аргумент плус е фактот што приватни оператори има во сите држави од нашето опкружување.

Всушност, од сите земји низ кои минува железничкиот Коридор 10, Република Северна Македонија во моментов е единствената што нема либерализиран железнички пазар, а со оневозможувањето на сообраќањето на приватни оператори по пругите, нашата земја е главен кочничар за развојот на овој паневропски коридор. Јасно е дека либерализацијата на железницата не е прашање што може да се разреши веднаш, но преземањето на дејствија за започнување на тој процес би упатило јасна порака до извозниците дека тој конечно се забрзува.

Прашањето на либерализацијата и застарената инфраструктура доведуваат до тоа железницата да биде далеку понеповолната транспортна опција за македонското стопанство (иако за некои индустрии, како металургијата, и не постојат други алтернативи освен железнички транспорт), а и бројките тоа го покажуваат – во 2018 година реализиран бил патен товарен сообраќај од 10.637 тонски километри, а железнички товарен сообраќај од 305 тонски километри, при што проценките се дека превоз на еден контејнер со железница чини двојно повеќе отколку истиот да се превезе со камион. Сето ова говори за потребата што побрзо да се спроведе процесот на либерализација во железницата, но и да се продолжат инвестициските активности во железничката инфраструктура.

П.С. Извозот е основа на опстанокот на секоја мала економија. Во услови на ваква криза тој може да ја определи и нашата иднина, бидејќи е јасно дека постои консензус по ова прашање. Еве можност на дело да се покаже како треба да се работи – но не претендираме тоа да биде без широка расправа и размена на различни мислења.

Пишува: д-р Татјана Штерјова, директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори

Стопанска комора на Македонија

Поврзани новости