Јавно обвинителство тврди дека пронашле работилница за фалсификување лични карти

by Фокус

Основното јавно обвинителство Скопје постапувајќи во предметот за фалсификуваните лични карти пред малку соопшти дека презеле низа мерки и активности за расветлување на настанот.

„Во вршење на истражни дејствија, во тек на вчерашниот ден, успешно е спроведена акција по наредба на јавен обвинител, во која е пронајдена тајна работилница каде е вршено фалсификувањето на документите. Станува збор за обемен материјал, опрема и апаратура која се користела за изработка на фалсификуваните лични карти и други документи. Пронајдениот материјал е одземен и е предмет на натамошна анализа и истражување“, се вели во соопштението од ЈО.

За овој настан приведени се три лица, но постојат индиции и за инволвирани други лица и за сторени други кривични дела. Од ЈО најавуваат повеќе информации за случајот следните денови.

Инаку се очекува наскоро со став да се произнесе и полицијата.

Фокус неодамна објави дека на тајни локации во Скопје и Штип се изработувале лажни лични карти. Фокус предаде на полицијата 1о5 вакви лични карти, а изворите на Фокус информираа дека станува збор за илјадници фалсификувани документи, за кои постоеше сомневање дека се користеле на избори. Сепак, тоа ќе треба да го докаже истрагата.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство најави дека ќе го преземе и овој случај од ЈО, затоа што има индиции дека е поврзан со изборните нерегуларности.

Поврзани новости