Јавната седницата за „Монструм“ во вторник, СЈО не се поканети

by fokus

Иако Врховниот суд правеше напори јавната седница за случајот „Монструм“ која е закажана за вторник, да се следи и надвор од судот, на пример во амфитеатар на Правниот факултет, поради големиот јавен интерес, сепак оваа идеја нема да се реализара.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски ни одговори дека за жал не е изнајден начин седницата да се следи во просторија надвор од Врховниот суд, поради технички и безбедносни услови.

На јавната седница, иако јавноста очекува да присуствува и Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тоа нема да се случи, бидејќи овој предмет не е во нивна надлежност. СЈО сепак ја информираше јавноста дека отвориле предистражна постапка, поткрепувајќи ја со разговорите во „бомбите“. Но, како што неофицијално дознаваме засега не наишле на податоци кои вртоглаво би ја смениле ситуацијата околку овој крвав настан.

Очекувањата од оваа седница се големи, бидејќи родителите бараат вистината да се открие до крај, односно тие веруваат дека извршителите се зад решетки, но го бараат името на нарачателот на велигденскиот масакар и на останатите вмешани кои се извалкани со крвта на нивните деца. Одбраната пак бара друга вистина, односно тврди дека осудените не се виновни.

Апелацискиот суд минатата година во декември ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд во Скопје.

Со пресудата од 30 јуни 2014 година, на доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда бидејќи Судот не пронашол цврсти докази што посочуваат на негова инволвираност во настанот. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сè уште не се екстрадирани од Косово, каде што се на слобода.

Првостепената пресуда ја потврди и Апелациониот суд.

Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Борче Стевковски беа убиени, пред точно пет години, на 12 април 2012 година, на Велики четврток,  додека ловеа риба кај Смиљковското Езеро. Според Обвинителството, мотивот за свирепото убиство е предизвикување чувство на страв и несигурност кај македонското население.

Валентина Вурмо

Поврзани новости