Јавна седница на Апелациски суд за затворската казна на Груевски

by fokus

Апелацискиот суд денеска треба да ја продолжи јавната седница за жалбата на првостепената пресуда за Никола Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

Груевски и Поповски пред судечкиот совет треба да ја образложат поднесената жалба, но како што најави Груевски вчера на прес-конференција во Собранието на РМ нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.

Апелацискиот суд Скопје во целост ги демантира наводите изнесени на прес-конференцијата од Никола Груевски во врска со предметот „Тенк“, оценувајќи ги како груба невистина и манипулација со јавноста.

– Наводите на обвинетиот се во целост невистинити, исконструирани и тенденциозни со цел да се дискредитира Судот и да создаде лажна перцепција во јавноста дека судството е под притисок на власта и носи нарачани одлуки, соопштија од Апелација.

На седницата во петокот судијата известител ја прочита првостепената пресуда. Во текот на седницата беа правени неколку паузи, поради поднесените барања за изземање на судечкиот совет, претседателот на Апекацискиот суд, судијата известител и претседателот на судечкиот совет од страна на адвокатот Стерјо Зиков и осудениот Никола Груевски. Сите барања беа одбиени. 

За случајот „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор. 

Во Кривичниот суд во Скопје за „Тенк“ се води раздвоена постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Поврзани новости