Јавна реакција на НУНС откако Вучиќ ги посети повредените: Недозволиво е бесрамно искористување на жртвите на трагедијата за сопствена промоција!

by Fokus

Независното здружение на новинарите на Србија (НУНС) се огласи со соопштение до јавноста, откако вчера претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги посети повредените младинци од пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Заедно со Вучиќ беа и министерот за здравство Златибор Лоначар, како и директорката на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Јелена Друловиќ.

Според НУНС, бесрамното искористување на жртвите на трагедијата за лична промоција е недозволиво, и најостро ја осудија постапката која ја опишуваат како етички недозволива, но и која ги загрозувала животите на тешко повредените.

-Александар Вучиќ поради сопствена промоција реши да ги искористи жртвите на пожарот. Овојпат, заедно со новинари и новинарки реши да оди во ,,визита” и наместо надлежните од Клиничкиот центар Србија, тој да им соопшти на семејствата и на јавноста каква е здравствената состојба на повредените.

Здравствените работници кои се согласиле да го придружуваат претседателот во оваа посета, учествуваа во злоупотребата на повредените.

Злоупотреба и манипулација со чувствата на жртвите и нивните блиски е кршење на новинарската етика. За сите други можни тешки здравствени последици на пациентите чии животи се загрозени, и кои се наоѓаат во строго контролирани услови, присуството на лица на кои овде не им е местото, можеме само да претпоставуваме, порачаа од НУНС, додавајќи дека го осудуваат потегот на власта, и бараат одговорност за загрозување на здравјето на пациентите.

Помеѓу другото, прашуваат кој го дозволил тоа.

За време на посетата на повредените, Вучиќ се обрати до јавноста и одговараше на новинарски прашања.

-Еве ги условите. Невозможно е да се најдат подобри услови во Европа отколку овде во Белград. Уште еднаш, изразувам сочувство до нашиот братски народ во Северна Македонија. Само најсилните од нив можат буквално да комуницираат, но верувам дека ќе можеме многу да помогнеме. Сето тоа подоцна може да се поправи со пластична операција, се додека виталните органи им се добри. Им стоиме на располагање на нашите македонски пријатели, браќа, подготвени сме да примиме повеќе луѓе во болниците кои, како што гледате, се одлично опремени, рече Вучиќ.

Поврзани новости