Јасминка Ангелова за насилството над жените: Ќе ве тепаат, дискриминираат, и на крај ќе плаќате судски такси!

by fokus 12:50
12:50

Јасминка Ангелова, поранешна инспекторка во МВР и сопруга на генерал Стојанче Ангеловски, смета дека во земјава се потребни итни реформи за да спречат случаите со насилство над жената. По последниот мониторинг на спроведување на законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, таа била фрапирана од поразителните факти околу овој проблем. Вели дека не сфаќа како десеттина години додека на чело на Министерството за внатрешни работи беше Гордана Јанкуловска, министерката како жена не овозможила вистинска функционална заштита на жените од разните форми на наслиство.

„Истанбулската конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство кај нас веќе 5-та година е потпишана, но сеуште не е ратификувана бидејќи државата не е подготвена да направи коренити промени за вградување на стандардите поставени во неа. Едноставно нема суштинска промена во системот на заштита за ефикасно спроведување на Законот. Истата пак неефикасна заштита води до фатални последици врз животот на жените.

Пред повеќе од десеттина години, како полициски службеник работев на оваа проблематика и одтука сум стаписана од поразителните факти во последниот Извештај од мониторингот на спроведување на законот за превенција, спречување и заштита од семејното насилство. Па, ние како држава тапкаме во место и на ова поле. Ниту имаме национална стратегија, ниту буџетски план за нејзино спроведување со цел заштита на овие жени. Воочувам само празна декларативна подршка од државата. Никакво придвижување кон заштита на жените-жртви. Имавме десеттина години министер за внатрешни работи – жена, која не овозможила никаква вистинска, функционална заштита на жените во државава од разните форми на насилство“ – вели Ангеловa.

Таа додава дека од искуството кое што го имала додека работела со жените жртви на насилство, сфатила дека полициските службеници – мажи имаат низок степен на свест за опасноста по животот на жртвата, и дека најчесто мажите полицајци на некој начин се солидаризираат со сторителите на насилството. Токму поради тоа, жртвите во повеќе случаеви барале да разговараат со жена – полицаец.

„Како жена работев со овие жени-жртви, и тогаш и сега, воочувам дека продолжува несериозниот пристап кон семејното насилство. Мислам дека основна причина за застој во превенцијата и заштитата од семејното насилство е токму недоволната информираност на полицајците за постојниот систем на заштита на жртвите. Се нема капацитет за ефикасно спроведување на законските процедури и правилниците за постапување со жртвите.

Застрашувачки е нискиот степен на свест кај полициските службеници-мажи за опасноста за животот и телесниот интегритет на жртвите-жени. Немаат соодветна обука и искуство при постапувањето во полициското работење. Во овие одделенија работат ПС со несоодветно образование или по казна. Во полициските станици ретко се наоѓа соодветно образуван и подготвен кадар кој може да ги прифати и да им овозможи сигурност на ваквите жртви. Не се доволни писмените предупредувања врз сторителите, туку потребно е превземање на конкретни мерки за заштита на жртвите од постојаните закани и малтретирања на сторителите.

И тогаш и денес, евидентна е машката солидарност меѓу сторителот-маж и полицискиот службеник-маж која води до нова дискриминација и осуда врз жртвата-жена, до нејзино исмевање, засрамување и повлекување од пријавување на домашното насилство. Ист е случајот и со жртвите на трговија со луѓе и присилна проституција. Ова го кажувам од моето искуство во работата со ваквите жртви кои бараа доверлив разговор исклучиво со полициски службеник – жена, стравувајќи за својот живот и интегритет.Слична е ситуацијата и кај сексуалното насилство, особено што во одделенијата за крвни деликти нема инспектори-жени, кои навистина се неопходни во работата со жртвите на силувањата како тешки кривични дела против половата слобода и половиот морал“- тврди Јасминка.

Таа вели дека голем проблем се и судските такси кои што жртвите треба да ги платат при поднесување на предлози за изрекување на привремени мерки на заштита.

„Продолжува да постои некоординираност меѓу најповиканите за сузбивање на насилството врз жените, а тоа се државните институции. Сето ова води кон зголемување на бројките на домашното и другите форми на  насилство врз жената.  Верувам дека не само централната власт туку секоја општина има капацитет да отвори центри за советување, помош и згрижување на жените – жртви кои се нивни жители. Најитно мора жртвите да се ослободат од плаќање на судските такси при поднесување на предлози за изрекување на привремени мерки за заштита.

Неопходна е професионализација на полицискиот кадар кој работи со оваа посебно ранлива група и нивни континуирани обуки за стручно надоградување за сензибилизација во постапувањето со жените и девојките жртви на разни форми на насилство и нивната безбедност по пријавување на сторителите“ – вели Ангелова.

Според неа, реализиран маж, не може да биде насилник. Сторителите на насилство над жената секогаш биле неостварени мажи, исфрустрирани и неспособни да решаваат проблеми со разговор.

„Ваквите насилници најчесто се исфрустрирани и нереализирани мажи и момчиња кои преку физичкото, психичкото, финансиското и сексуалното насилство се обидуваат да доминираат врз жените и девојките за да ги потчинат и заплашат за да можат секогаш да го имаат главниот збор.Синдромот балкански маж никако да се искорени. Затоа, наместо да користат тупаници мажите во Македонија мораат да научат арументирано да разговараат за да ги решат проблемите со нивните партнерки. Впрочем само со конструктивен и достоинствен дијалог ќе поминат неказнето. Секое насилно поведение е казниво. Жените и девојките кои биле жртви на разни форми на насилство мораат да ги надминат сите последици од насилството. Тие мора повторно да си го изградат животот.Тоа си го должат себеси и на најблиските. Враќањето на контролата врз сопствениот живот која им била одземена е победа за жените и воедно, покрај законските казни, претставува најголемо страдање за насилниците!“ – изјави Јасминка.

Вики Клинчарова

Поврзани новости