Јас сум син на татко бегалец од Егејска Македонија, рече Димитров за менувањето на учебниците по историја

by fokus

Идентитетските прашања да се извлечат од процесот на преговорите за името со Грција, со цел да може тој процес на зближување да продолжи и двете држави да имаат разбирање една за друга, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, на презентација на отчетот за 100-те дена од работата на Министерството за надворешни работи.

Тој посочи дека преговорите не се почнати и дека во моментов се работи на исцртување на контурите на тој процес, на нивната форма, на датумот.

– Грција не може успешно да го затвори овој спор ако Македонија е понижена, тоа е апсолутно неспорно, дури и „победата“ на Грција со ветото на Самитот на НАТО во 2008 година е пирова, бидејќи создаде контекст на еден сосед кој го загуби моралниот компас, си ја растресе својата демократија, стана произведувач на проблеми, кризи, рече тој.

Во врска со можноста за менување на учебниците по историја со цел да се спушти топката во односите со соседите, Димитров изјави дека е син на татко бегалец од Егејска Македонија.

– Татко ми е дојден во РМ по граѓанска војна во Грција во 1948 година. Не сум историчар, не сакам да одам поконкретно во однос на ова. Ако сакаме да ги отвориме односите, да отвориме поголем простор за соработка не знам зошто би имале страв да видиме каков е историскиот наратив во Грција за нас и каков е наративот кај нас за Грција, рече Димитров.

Тој ја најави квадрилатерална средба в среда и четврток во Солун на покана на Никос Коѕијас, на која ќе учествуваат и Албанија и Бугарија. На средбата ќе се разговара за безбедносната соработка, прекуграничната соработка, енергетското поврзување и за други актуелни теми. Тој очекува билатерална средба со Коѕијас.

Извор: МИА

Поврзани новости