Јапонски весник со честитка за Денот на независноста на Македонија

by Fokus

Во најтиражниот јапонски весник „The Japan Times“ денеска е објавен прилог по повод Денот на независноста на Република Македонија, во кој се пренесени обраќањата на првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија Андријана Цветковиќ, почесниот конзул Масатаке Мацуда и претседателот на Парламентарната група за македонско-јапонска соработка во јапонскиот Парламент Таимеи Јамагучи.

Амбасадорот Цветковиќ, како што соопшти Амбасадата на Јапонија во Македонија, во обраќањето информира за позитивниот развоен тренд во билатералните односи меѓу Македонија и Јапонија, притоа истакнувајќи дека 2016 година ја одбележаа значајни настани кои придонесоа за унапредување на парламентарната соработка, како и зајакнување на односите во областа на образованието, науката и економијата.

„За истакнување е формирањето на Парламентарната група за македонско-јапонска соработка во јапонскиот Парламент на 17 декември 2016 година, потпишувањето Договор за соработка меѓу МАНУ и Славо-евроазискиот истражувачки центар при Универзитетот Хокаидо, како и Меморандум за соработка меѓу Хидробиолошкиот завод-Охрид и Музејот на езерото Бива. Дополнително амбасадорот информира и за економските и бизнис поволности во Македонија, како и множеството активности на Амбасадата за привлекување јапонски инвеститори во земјата. Во тој контекст, го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Амбасадата на Република Македонија во Токио и Јапонскиот институт за странски инвестиции, што ќе овозможи заедничка организација на бизнис форуми во периодот што следи. Како најзначаен настан за билатералните односи меѓу двете земји го оцени отворањето на Амбасадата на Јапонија во Македонија и назначувањето на првиот резидентен амбасадор Кеико Ханеда“, се наведува во соопштението.

Почесниот конзул Масатаке Мацуда, се додава, го поздрави отворањето на Јапонската амбасада во Скопје, оценувајќи го како значаен настан во зајакнување на билатералните односи меѓу двете земји. Ги поздрави активностите на амбасадорот Цветковиќ и нејзиното познавање на јапонската култура и историја.

„Таимеи Јамагучи изрази задоволство од формирањето на Парламентарната група за македонско-јапонска соработка во јапонскиот Парламент и неговото назначување за претседател на групата, изразувајќи уверување за натамошно унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји“, се наведува во соопштението од Јапонската амбасада во Скопје.

Поврзани новости