Јанѕа

by Фокус 09:53
09:53

Ислушавме, преживеавме, искоментиравме, изџвакавме и измудрувавме 14 продолженија од аудио – серијалот „Бомби“ во режија на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Од она што можеше да се чуе во презентацијата на тајно снимените телефонски разговори меѓу водечките личности на актуелната ни власт, дефинитивно се урна митот за Груевски и компанија како вреден, посветен, чесен и одговорен тим кој ја води македонската „преродба“ во 100 чекори. Сега гледаме дека всушност се работело за ситни, алчни, злобни и неизживеани човечиња, кои во името на „виши интереси“ си играле со судбините на безброј луѓе, заробувајќи им го умот и одземајќи им ја слободата и правдината, а притоа полнејќи ги сопствените џебови. Што кај секој нормален човек кој има јаки нерви и силен желудник сето ова да го восприми, предизвикува чувство на згрозеност и гадење.

За очекување беше власта да влезе во контраофанзива и преку општонародни собири, робустна медиумска окупација на свеста од страна на претходно окупираните медиуми, како и преку караваните на „загрижените“ граѓански здруженија за спас на државата, да се обиде да ја минимизира штетата со демонизирање на опозицијата. Така, стигнавме до нова, можеби досега најдлабока и најрадикална поделба меѓу Македонците, бидејќи сите ние кои гласно негодуваме и реагираме против документираните злоупотреби на власта, преку ноќ станавме народни непријатели, предавници, соработници на странски служби и комуњари. На некој начин, и тоа беше предвидливо, бидејќи една од најкарактеристичните тактики на „груевизмот“ во целиот изминат период на неговото владеење, е создавањето поделби меѓу сопствениот народ.

Ако не сте со нив, тогаш сте против нив, тоа е максимата која денес владее во мојата тажна земја. Знам дека еден ден овој кошмар ќе заврши, како што знам дека пустошот во државата и растурените пријателства и роднински врски, тешко, споро и мачно ќе се враќаат во нормала.

Следејќи го внимателно целиот овој галиматијас наречен „политичка криза“, кој од денес ќе започне наводно да се пегла во Брисел со посредство на европратеници и трочлени делегации од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, в очи ми паѓа еден ситен детаљ. Кој од „бомба“ до „бомба“ станува сé поголем и поевидентен.

Се однесува на албанскиот фактор во власта, или поконкретно на партијата ДУИ, која веќе седма година е коалициски партнер во Владата на Груевски. Повторувам, седма година. Викендов, партијата на Ахмети одржала некаков „тематски конгрес“, на кој било потенцирано дека какво било решение за излез од кризата предизвикано од аферата за прислушувањето, би било невозможно без ДУИ. Демек, ДУИ е единствениот легитимен претставник на Албанците во Македонија и без нив не може ништо да се решава во државава. Сепак, говорејќи за оваа партија, не можам, а по трет пат да не повторам дека таа веќе седум години е во извршната власт. И дека некои работи поврзани со интегративците, не ми се јасни.

Прво, не можам да разберам како Ахмети нема став за „бомбите“, бидејќи неговото образложение дека за сé треба да се изјаснат институциите и целиот проблем треба да се реши во институционални рамки, не го сметам за став. Не можам да ја сфатам криенката на ДУИ пред очигледните еклатантни злоупотреби на власта од нивниот коалициски партнер, бидејќи во крајна линија, една од изманипулираните страни се токму тие – ДУИ. Да бидете седум години во Владата со луѓе кои местат тендери, кои уриваат објекти на неистомисленици, кои купуваат плацеви со фингерајки, кои режираат апсења и партизираат институции, не може да не ве засега. Не може да се правите паднати од Марс и да си гледате сеир, бидејќи со тоа ја отворате дилемата – или сте многу глупави, или и вие сте дел од играта. Има и трето – или некој можеби ви ветил дека нема да ве објавува, во што одбивам да поверувам.

Второ, во „бомбите“ на Заев досега најголемата жртва во албанскиот политички табор е Мендух Тачи преку снимката на која му се колне на верност до смрт на шефот на УБК, Сашо Мијалков. Тачи е опозиционер во албанскиот политички блок и со објавената снимка неговиот кредибилитет е целосно руиниран. Што е прилично чудно ако декларираната намера на Заев е да ја прикаже власта (а не опозицијата) во нејзиното вистинско светло. Од друга страна, ДУИ засега е целосно поштедена. Всушност, само во два телефонски разговори слушаме разговори меѓу Мијалков и актуелниот вицепремиер, Муса Џафери, за местење партиски кадри во судството и за дубари со избирачките комисии, што за самата ДУИ е прилично бенигно. За потсетување, интегративците во Владата се застапени со двајца потпретседатели, шест министри (за економија, правда, образование и наука, заштита на животна средина и просторно планирање, локална самоуправа и еден без ресор), исто толку заменици-министри и државни секретари, кој знае колку директори на органи во состав на министерствата и јавните претпријатија и веројатно неколку стотици членови на управни и надзорни одбори.

И за нив досега нема ниедна снимка? Демек, тие се чисти и не влегувале во криминал? Простете, ама да видам, не верувам.

Затоа, по 14-те детонирани „бомби“ на Заев, почна да ме јаде јанѕа.

Јасно ми е дека лидерот на СДСМ своите прес-конференции на кои ги обелоденува снимените разговори, ги планира тематски. Но и таргетира (барем од досега понуденото) неколку клучни личности од власта: Груевски, Јанакиески, Ставрески, Јанкулоска и Мијалков. Сакам да го потсетам Заев дека секоја селективна правда е неправда сама по себе и дека ако навистина себе си се доживува онака како што се декларира – како човек кој по секоја цена го направил историскиот исчекор во борбата против институционалниот криминал во Македонија, треба да објави сé. Никого да не поштеди во името на некои виши интереси, зашто во овој процес, „бели мечки“ не смее да има. Не сакам да поверувам дека некој „одозгора“ му дошепнал да не ги гиба ДУИ, затоа што тие се некаков клучен фактор на нешто. Ако за нив нема никаков снимен материјал, тогаш работата е уште посомнителна, бидејќи во тој случај имаме селективна примена на прислушувањето, а ако има, а не се објавува, тогаш имаме манипулација со јавното мислење.

Не сум ниту член, ниту симпатизер на СДСМ и во целата оваа ситуација ја заземам страната на вистината, правдата и демократијата. И сеедно ми е дали некој ќе ме обвини за ситничавост или за обид за амортизирање на вината на Груевски и компанија. Имам право на сопствено мислење и сопствена сомничавост, затоа што во Македонија работите се отидени предалеку за да завршат со колективна амнестија и масовна амнезија.

Затоа, Заев ако имаш „бомби“ за ДУИ, време е да ги детонираш. За да не ме јаде јанѕа.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости