Јанушев во име на народот со 15 барања до старо-новиот премиер

by Frosina Fakova

Зоран Заев наместо со решавање на проблемите на граѓаните, кои во огромна мера се резултат на неодговорното владеење на неговата старо нова власт, се занимава со театар и гол популизам, изјави генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Тој до новиот премиер, Заев во име на народот испорача 15 барања, односно му даде, како што рече, мандатно писмо од народот.

-1. Да ги врати назад на работа 40-те илјади кои изгубија работни места во ковид кризата, поради лошите и ненавремени економски мерки.

2. Да им помогне на лозарите кои во ек на бербата на грозјето не знаат дали воопшто и по која цена ќе биде откупено нивното грозје.

3. Да се врати старата цена на струјата, затоа што има скапа струја, а сиромашен народ.

4. Да се намали цената на бензините преку укинување на зголемената акциза.

5. Да се обештетат сто процентни измамените штедачи од Еуростандард банката, и да се открие кои компании од Струмица се примачи на кредитите без покритие.

6. Одговорност за министерката на Заев, Нина Ангеловска која за разлика од илјадниците други граѓани на време си ги извади парите од Еуростандард банка.

7. Апсолутна правда за сите, да се тргнат рацете од судството и обвинителството.

8. Веднаш да се реши проблемот со децата во градинките кои поради Ковид кризата се изложени под ризик и за кои нема соодветни адекватни просторни услови за згрижување.

9. Да го видиме планот за колапсот кој се случува во образованието, Република Македонија е една од ретките држави каде доцни стартот на учебната година, и кризата која трае од март ги изненади владините институции кои за жал се уште немаат никаков план.

10. Филипче да замине од министерството за здравство затоа што неговата неспособност ја плаќа народот со своето здравје и живот.

11. Заев да престане да раздава стотици илјади денари државни плати, бидејќи народот нема за леб.

12. Заев да престане да троши милиони евра за набавка на скапи и луксузни автомобили, бадеми и лешници затоа што сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно.

13. Да ги разјасни десетиците нерасчистени убиства, палење на домови и автомобили.

14. Да престане да дели криминални тендери во еден хотел во Источна Македонија.

15. Конечно да се удри мафијата која денес е едно исто со власта, почнувајќи од Заев па се до постапки за Ден Дончев и „Диамед“, за Рашкоски и Леонардо, за функционерите со кокаин, за градоначалникот шверцер на цигари и сите останати, а не се малку.

Заев ова мандатно писмо мора итно и неодложно да го спроведете до крај, во спротивно народот го бара мандатот назад. И само да ве потсетам дека ќе има одговорност за неспособноста и криминалот, рече Јанушев.

Поврзани новости