Јанкулоска негира дека ВМРО-ДПМНЕ стоела зад протестите на 27 април

by Fokus

И поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во сведочењето за случајот поврзан со организацијата на протестите на 27 април 2017 година, негираше дека нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ, била организатор на настаните.

Во тој период таа беше дел од Извршниот комитет на партијата и вели дека не ѝ биле познати одлуки во врска со протестите односно дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не излегла со формален став за демонстрациите кои ги организираше движењето „За заедничка Македонија“.

-Одлука на Извршниот комитет за поддршка на протестите не беше донесена, рече Јанкуловска.

Критичниот ден, сведочеше, била во својата канцеларија во партиското седиште и тврди дека не се случувало ништо невообичаено, а околу 17:00 часот си заминала дома и на телевизија видела што се случува во Собранието.

Јанкуловска е сведок предложен од страна на одбраната. Таа не е првиот истакнат член на партијата кој сведочеше во оој предмет. Сведочеа повеќето од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од минатиот парламентарен состав, како и актуелниот лидер Христијан Мицкоски кој во тој период беше генерален секретар. Сите сведочења беа во насока дека партијата не стоела зад протестите.

Конкретно Мицкоски, пак, рече дека народот се самоорганизирал.

-Протестите беа организирано изразување незадоволство од страна на народот, од граѓани кои сами се организираа во тој период, на тие протести присуствував и јас, одев речиси секој ден и тоа беше реакција на тогашната политичка ситуација. Што се однесува до партијата, нормално разговаравме и дебатиравме, но ако прашањето е дали партијата ги организираше тие протести, мојот одговор е не, рече Мицкоски во сведочењето на 25 декември 2020.

За организацијата на „27 април“, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги обвини поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, и бившиот директор на тогашната УБК, Владимир Атанасовски. Сите се товарат за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во истрагата беа обвинети и експремиерот Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошковски, но тие не се најдоа во обвинението бидејќи во тој момент беа недостапни за органите на прогонот (едниот избега во Унгарија, другиот во Грција) и истрагата за нив остана отворена.

Поврзани новости