Јанкулоска, Јанакиески и Протуѓер признаа вина за „Титаник“

by fokus

Поранешната министерка Гордана Јанкулоска, екс министерот Миле Јанакиески, како и поранешниот генерален секретар на Владата, Мартин Протуѓер, на денешното рочиште за случајот „Титаник“, признале вина, потврдуваат од Кривичниот суд за „Фокус“.

Признание на вина имаше и уште од петмина од обвинетите. Дел посочиле дека превземаат одговорност од морален аспект, а инаку не се чувствувале за виновни.

Јанкулоска признала вина за три дела. Протуѓер и Јанакиески признаа за речиси сите освен за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Според нив воопшто и не требало да дојде до судење, бидејќи се аболицирани од екс претседателот Ѓорги Иванов.

Судењето за овој случај неодамна се врати од почеток, и затоа и по четири години судење, обвинетите повторно добија шанса да се изјаснат за вина. За нив постапката се раздвојува, по што ќе следува пресуда.

Судењето пак продолжува за останатите, во фаза на доказна постапка.

Во случајот обвинети се вкупно 21 лице меѓу кои се: поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се гонат за повеќе дела, како злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање и уништување изборен материјал.

Поврзани новости