Јани ја подига свеста за машкото здравје: Не ме гледајте чудно, секој може да добие рак на простата

by fokus
  

Јани Макрадули и годинава се приклучи кон кампањата „Мовембер“ и почна да пушта мустаќи. Иако минатата година, поголемиот дел од неговите колеги во Собранието кои што не биле упатени за што точно станува збор, си тераа мајтап со него и коментираа дека сака да личи на Субрата Рој.

Тоа не го поколебало повторно и овој ноември да ги израсне мустаќите како апел до сите мажи да обратат повеќе внимание на своето здравје, односно да направат преглед на простата, бидејќи општо е познато дека ракот на простата е причина за голема смртност кај машката популација во светот.

,,Сметам дека „Мовембер“ е еден исклучително корисен и здрав настан кој има за цел  подигнување на свеста за машкото здравје. Затоа е многу важно што повеќе јавни личности да го промовираат. Да се срушат стереотипите потребно е поголема активност на јавните личности. За жал, кај нас политичарите се плашат од вакви промени и се сеќавам како чудно ме гледаа во парламентот првата година кога се приклучив на кампањата. Очекувам оваа година барем некој политичар да го следи Мовембер, а и уште повеќе следбеници во рамки на Мовембер Македонија, барем малку да се приближиме на светските настани. Апелирам машките да се посветат на сопственото здравје, да направат преглед на простатата“, порача Јани преку ,,Фокус“.

 
thumbnail_movember1

 

Правила на Мовембер фондацијата

Правилата на Мовембер фондација Македонија се исти како и во целиот свет. Сите кои што сакаат да се приклучат треба на први ноември да се регистрираат на movember.com со избричено лице, а потоа во тек на целиот месец да ги негуваат своите мустаќи. Не е дозволено да се носат лажни мустаќи. Моќта на мустаќите треба да се искористи за да се почне разговор за здравјето на мажите, за рак на простата и рак на тестиси. Исто така, секој член во Мовембер треба да се докаже како вистински џентлмен и да го оправда својот мустаќ пред дамите.

Кај нас, мажи со мустаќи во ноември започнаа да се забележуваат од пред неколку години. Јани е единствениот политичар кој се приклучи на кампањата, додека останатите го игнорираа овој тренд. Годинава и неколку поп пејачи ветија дека ќе станат дел од Мовембер.

Од пред три години, во Велес се избира најмустаќ, а целта на настанот е да се подигне свеста за машкото здравје, но и да се соберат парични средства кои се донираат на сметка за истражување на машки болести.

Вики Клинчарова

Поврзани новости