Јанева со закани кон обвинителите: Ако пропаднам ќе ве повлечам со мене!

by fokus

Изминатите неколку дена атмосферата во СЈО е тензична. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во понеделник, откако се врати од одмор, ги собрала присутните обвинители и им се заканила дека доколку таа пропадне, ќе ги повлече и нив заедно со неа.

Како што дознаваме од извори од СЈО, наводно рекла и дека ќе измисли работи за нив, само за да ги оцрни.

Оваа закана доаѓа во момент кога дел од обвинителите се повикани да сведочат во Обвинителството за организиран криминал и корупција за истрагата „Рекет“, поради што се толкува како обид да ги замолчи.

Тензијата дополнително се зголемила денес кога Јанева наредила секој кој влегува и излегува од СЈО да се претресува, за што и јавно посведочи и обвинителката Фатиме Фетаи.

Во текот на утрешниот ден пред обвинителката Вилам Русковска треба да сведочи обвинителот Бурим Рустеми, а свој исказ веќе дадоа обвинителката Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, како и шефицата на кабинет на Јанева.

Јанева пак во вторник ќе треба да се соочи со Русковска, по што ќе биде познато дали и таа ќе биде сведок или пак можеби ќе биде осомничена.

Во истрагата за „Рекет“ засега осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичеец, кои се теретат дека од бизнисменот Орце Камчев земале 1,5 милиони евра, кој платил за да се спаси од кривичен прогон за истрагата „Империја“.

В.В.

Поврзани новости