Јанева: Проширена е истрагата за случајот „Титаник“, се гонат уште функционери од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција истакна дека е проширена истрагата за првиот случај кој го отвори ова обвинителство под називот „Титаник“, односно осомничени се уште 17 лица.

-Откако ги преслушавме материјалите од прислушуваните разговори видовме дека има повеќе лица кои се инволвирани во повеќе кривични дела. Функционери од власта се организатори, а членови се службени лица вработени во државни органи, истакна Јанева.

Во досегашната истрага за случајот „Титаник“ осомничени се поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, секретарот на Владата, Кирил Божиновски, и уште неколку лица за злосторничко здружување, повреда на избирачко право, повреда на слободата на гласање, поткуп и за уништување избирачки материјал, а сè за фалсификување на изборите.

За нив, како што информираше обвинителката Фатиме Фетаи, постојат основани сомневања дека во 2012 година, користејќи ги своите функции и привилегии, создале група која имала цел преку злоупотреби, насилство, поткуп, носење лица од странство и незаконско финансирање да ги осигураат изборните победи на ВМРО-ДПМНЕ преку целосно криминализирање на изборите.

– Од ова произлегува дека се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и со вметнување во избирачкиот список на лица кои по никоја основа не смеат да бидат вметнати. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму и таму гласале, потоа определени се 15.000 нови матични броеви, тука да не стане забуна, не се работи за новороденчиња, изготвени се 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и никој не знае зошто стојат во МВР, имаме и 60.000 нови македонски државјани, а што се однесува до дијаспората и до улогата на конзуларните претставништва, за неа ќе се отвори посебен предмет, што би рекол почитуваниот господин Прибе – рече неодамна обвинителката Фетаи.

Поврзани новости