Јанева: Не ги деградирам институциите, доказите покажуваат дека имало нерегуларности на изборите

by Фокус

Специјалната обвинителка Катица Јанева денеска испрати соопштение по повод повеќето реакции главно од ВМРО-ДПМНЕ на нејзината вчерашна изјава дека претседателот на државата, како и пратениците и уставните судии се избрани на нелегитимни избори. Таа уште една повтори дека доказите укажуваат дека резулатите од изборите се доведени во прашање, поради нерегуларностите кои ги имало во изборните процеси.

-Сакам да појаснам дека мојата изјава беше во насока на укажување на важноста на нашите истраги и улогата на фер и демократските избори во градењето на институциите и нивниот легитимитет, и истата не беше во насока на деградирање на државните институции. Имено, како што и во самата изјава наведов, имајќи ги предвид досега собраните материјални докази кои што укажуваат на бројни нерегуларности кои се случиле во изборниот процес, имаме основано сомневања по однос на резултатот од тој изборен процес, се вели во соопштението на Јанева.

Таа додава дека целта на истрагите на Специјалното обвинителство и евентуалните обвиненија останува санкционирање на оние за кои што ќе биде докажано дека учествувале во изборни измами и генерална превенција на слични однесувања во правец на обезбедување услови за избори лишени од изборни нерегуларности, со цел изборниот резултат вистински да ја отслика волјата на граѓаните и да обезбеди полна доверба во институциите.

-Во оваа прилика сакам уште еднаш да ги појаснам причините поради кои нема да присуствувам на седницата на Советот на Јавни обвинители и на Седницата на Собранието на Република Македонија, при што повторно потенцирам дека не се работи за непочитување на овие две институции. Имено, согласно законските прописи, а и согласно Уставот на Република Македонија јас имам единствено законска обврска да поднесам извештај за шестмесечното работење на ова Јавно обвинителство, кој извештај е поднесен и ги содржи сите елементи кои законот ги пропишува, заклучува Јанева.

Поврзани новости