Јанева: Гледаме дека Груевски води удобен живот во Будимпешта, ќе истражуваме кој го финансира!

by fokus

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) води предистрага за екс премиерот Никола Груевски, која е насочена кон испитување на неговата имотна состојба и финансии, откри обвинителката Катица Јанева во интервју за „Независен“. Таа уште еднаш повтори дека тоа што Груевски избегал не е вина на СЈО.

-По изрекувањето на пресудата, обвинителството нема ингеренции во делот на тоа како ќе се обезбедува одредено лице, додека не оди на издржување на казна. Ние неколкупати побаравме притвор за него, но судот не му определи. Тој беше обезбедуван со други мерки што ги почитуваше додека беше во Македонија. Не лоцирам никаква вина кај СЈО, кај мене, или кај моите помошници обвинители. Но, ние не завршивме со истражувањето на Никола Груевски во делот на имотната состојба. По сите изјави и фотографии што се објавуваат во јавноста, гледаме дека тој живее удобен живот во странска држава. Имаме намера, покрај финансиската истрага што како предистрага се води за Груевски, да побараме меѓународна помош и да видиме кои се изворите на пари од кои се издржува Никола Груевски во таа странска држава. Но, за тоа ни е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство, вели Јанева.

На прашањето каква финансиска истрага се води сега за Груевски, таа вели:

-За Груевски има предмети во кои би требало тој од својот личен имот да плати трошоци и надомести на штета и други финансиски обврски во однос на предметите. СЈО, за да може во определен период да му замрзне дел од имотот, води финансиска истрага и тоа не само за Груевски, туку за секое лице кое е осомничено во СЈО. Како што знаете, тој подигнал од своите сметки околу 120.000 евра, друг имот знаеме што има. Сега сакаме да утврдиме од кои пари и кој го финансира неговиот престој во Будимпешта за да знаеме дали тие извори на пари се негови лични или на некои други фондови, вели Јанева.

Поврзани новости