Јанева: Чавков и Андонов ги избркав од УБК

by fokus

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за Топ тема на Телма раскажува како одеше 48 часовниот увид во документите за Управата за безбедност и контраразузнавање.

Јанева уште еднаш потенцираше дека наишле на опструкции во собирањето на докази и рече дека не и јасно зошто вечерта кога влегле во УБК, таму дошле и заменик министерот Оливер Андонов и поранешниот министер и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

-На почетокот ги игнорирав затоа што знаев дека не дефокусираат од она за што бевме дојдени. Но, кога видов како двајцата си разменуваат некои ливчиња ги избркав од УБК, па потоа тие излегоа да држат прес-конференција – рече Јанева.

Инаку, на прес конференцијата во 2 часот по полноќ, Андонов и Чавков ја обвинија Јанева дека ја поткопува безбедноста на земјата.

На прашањето дали постои опасност некој во меѓувреме да уништи дел од доказите во УБК, со оглед на тоа што постои дел на документи кои се уште не ги зеле специјалните обвинители, Јанева е децидна дека нема шанса за тоа бидејќи како што рече будно ја следат Управата.

-Секое влегување во тие компјутери за прислушување остава трага. Ние сме таму и имаме наши истражители и будно ја следиме работата во УБК –рече Јанева.

Тимот на Катица Јанева се уште е во просториите на УБК и ги спроведува судските наредби за одземање на документација што може да биде доказ дали прислушувањето од 2008 до 2015 година се случувало во УБК или било вршено од странски служби.

Поврзани новости