Јанчев: Премиерската функција за мене и не е толку предизвик

by fokus

Јас лично, до овој момент немам никакви преговори или договри за правење на нов концепт или нова партија, но доколку не успееме да се соединиме и да направиме тоа што треба, не ја затворам можноста за понатамошно дејствие во тој поглед, вели градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во интервју за „Фактор“

Според него има простор да се размислува за формирање на нова партија, но негира дека во моментов е во преговори или договори за такво нешто.

-Не би сакал мојата матична партија ВМРО-ДПМНЕ, не би сакал да ја оставам во незавидна позиција, која би била против членството, бидејќи нашето членство не заслужува да биде погазено. Тоа ми е единствената причина што не би направил таков потег барем во овој момент. Меѓутоа ако ситуацијата налага да не се вразумиме како партија или не стигнеме до нешто што треба да стигнеме, тогаш има простор да се размислува, доколку и сакам да влегувам понатаму во политичките дејствија, бидејќи јас сепак сум градоначалник, со мандат и функција од ВМРО-ДПМНЕ.Но, не е далеку да се направи таа опција. Бидејќи, кога некого непотребно разрешувате и исклучувате од партија, оставате простор за правење на конкуренција – посочува тој.

Јанчев вели дека е во комуникација со Никола Тодоров, со кого додава дека е куќен пријател, а дека се има видено и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Со реформаторите од ВМРО-ДПМНЕ вели дека се има телефонски слушнато.

На прашање дали има амбиции за премиер, Јанчев вели дека премиерската функција во држава со два милиони народ, за него не е толку предизвик.

-Да не даваме толку значење на тие функции. Можеби некогаш е подобро да бидеш и на трета позиција и многу повеќе да придонесеш, отколку да бидеш на прва, и да не придонесеш ништо – смета тој.

Со премиерот Заев вели дека има одлични релации и одлично разбирање, додека за Преспанскиот договор вели дека бил храбар потег, за кој му честита на премиерот. Од друга страна, коментирајќи ги односите со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е дистанциран од нив.

-Никогаш не сум имал ни многу топли односи со раководството, бидејќи, веројатно ме гледаа и со подруги очи, бидејќи имам поразлични размислувања. За моето поразлично мислење од партиското, никогаш не сум наидувал на разбирање, туку, напротив, можеби и се сомневале во мене дека лошо и мислам на партијата. Напротив, времето ќе покаже дека не сум и мислел лошо на партијата, и во делот на разрешувањето, мислам дека повеќе беше политичко разрешување, за да се оцрни мојата личност – да го разрешиме, заедно со другите што ќе ги исклучиме, како предавник на државата, како поткупувач за пратеници, што воопшто нема врска. Дента пред да ме разрешат, лично ми се јави претседателот Мицкоски, и ме праша – сакате вие да си дадете оставка или да биде предлог на мое разрешување, и јас го замолив тоа да биде на предлог на негово разрешување. И тука сум единствено лут што не требаше да ме стават во исти кош со оние што ги исклучуваа, ги навредуваа за поткуп и така натаму, но дефинитивно тоа му било целта, за во истиот тој момент, да ме поврзат со тие осум пратеници и со други луѓе како предавници на партијата – објаснува Јанчев.

Вели дека со Мицкоски последен пат се видел на почетокот на Тиквешкиот гроздобер, кога самоиницијативно му пришол да се поздрави.

-Немаше сериозна тема на таа средба, туку повеќе беше – кај си бе градоначалниче, јас им реков кај сте бе вмровци, и така, во тој контекст – вели тој.

Поврзани новости