Јанчев, по настаните во Тимјаник: Не се важни политичките партии во случајов, туку најранливите категории на граѓани!

by Fokus

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев порача дека општината е отворена за соработка со Министерството за труд и социјална политика, на чие чело е Мила Царовска, и како Општина Кавадарци дава целосна поддршка за отворање на мали групни домови, со сите ресурси кои ги има на располагање.

-Во изминатите денови сме сведоци на протести во село Тимјаник поради одлуката на Министерството за труд и социјална политика за оспособување на простор за мал групен дом за деца со попреченост во развојот. Секое дете заслужува безгрижно детство, секое дете заслужува да расте во средина која нуди добри услови и секое дете има право на грижа и топла прегратка. Јас лично, не само како градоначалник на Кавадарци, туку првенствено лично како човек ја давам мојата поддршка на деиституционализацијата. Во овој случај, мојата порака е дека не се важни политичките партии, туку најранливите категории на граѓани на нашето општество. Апелирам да се надминат сите предрасуди за овие лица, во случајов, деца – изјави Јанчев за ,,Фокус’’.

По реакциите на селаните од Тимјаник, вчера, кои порачаа дека децата со посебни потреби не се добредојдени во нивната околина, и валандовскиот градоначалник Перо Костадинов јавно порача дека Општина Валандово е отворена за малите групни домови за лица со посебни потреби.

Вики Клинчарова

Поврзани новости