Јанчев им прави лизгалиште на кавадарчани, тие коментираат: Ќе ги пукнеме неготинчани!

by Fokus

Кавадарчани ќе имаат можност да уживаат во зимските спортови, односно во лизгањето на мраз, бидејќи наскоро ќе добијат модерно лизгалиште, прво во градот, но и во регионот.

Работните активности веќе се започнати, а лизгалиштето ќе биде сместено на тениските терени при спортскиот центар „Јасмин“ и ќе се простира на површина од околу 500 метри квадратни. Иницијативата била на градоначалникот Митко Јанчев, и општината во соработка со општествено одговорните компании „Црна Река“ и „Кожувчанка“ ја започнала реализацијата на проектот за изградба на монтажното лизгалиште.

-Идејата за лизгалиште е лично моја од мојата изборна програма и е од јавен интерес. Сите основни и средни училишта ќе имаат организирано бесплатни термини преку Сојуз на спортови на Град Кавадарци, преку настава – изјави Јанчев за ,,Фокус”.

Граѓаните се задоволни од новитетот и тврдат дека најмладите жители на Кавадарци со нетрпение го очекуваат отворањето на лизгалиштето. За голем дел од нив, ова е едно катче каде ќе можат да минуваат квалитетно исполнето време, во забава и спорт, и на социјалните мрежи ја поздравуваат идејата на градоначалникот.

Некои од нив се шегуваат на сметка на Неготино, кој со векови наназад е град ривал на Кавадарци.

-Леле, сега дури неготинчани ќе пукнат од мака – пишуваат кавадарчани.

Веста за лигалиштето се прошири и во Неготино, кое е на околу десеттина километри оддалеченост од Кавадарци, па и неготинчани се радуваат на спортското катче каде ќе можат да ги носат своите деца да се рекреираат.

-Лизгалиштето ќе биде пуштено во употреба за помалку од една недела, односно на десетти декември. Предвидено е да се користи во тек на зимската сезона и верувам дека бенефит од него ќе имаат сите граѓани, посебно најмладите – вели Јанчев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости