Јанакиески им го откажа полномошното на неговите адвокати, па се предомисли

by fokus

Откако една од снимките во предметот „Траекторија“ беше пуштена на денешното судењето во Кривичниот суд реагираше поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, обвинет во случајот, со барање да се исклучи јавноста за време на слушањето на разговорите. Неговото барање беше одбиено.

Веднаш по пуштањето на првата аудио снимка на која се слуша разговор на Јанакиески, тој стана и кажа дека им го откажува полномошното на неговите адвокати бидејќи не биле подготвени да го бранат.

Јанакиески и адвокатите излегоа од судницата, а по враќањето тој информира дека го повлекува предлогот за откажување на нивното полномошно.

Судијата Бошевски потоа реши да го прекине денешното рочиште и продолжението да го закаже за 23 мај.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Тие се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.

Поврзани новости