Не се споредувам со никого, а најмалку со Меси, изјави денеска напаѓачот на Барселона, Ламине Јамал, во пресрет на првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Интер.
„Не се споредувам со него затоа што не се споредувам со никого, а најмалку со Меси. Ќе ви дозволам да разговарате за тоа бидејќи само размислуваме да се подобруваме секој ден, да бидеме подобри од претходниот ден. Споредбата нема смисла, а најмалку со Меси”, изјави Јамал на прес-конференција.
„Се обидувам да уживам на теренот, да бидам свој и да го следам својот пат. Очигледно му се восхитувам, тој е најдобриот играч во историјата, но не се споредувам со него“, додаде тој, одговарајќи на прашање за паралелите што каталонските медиуми ги прават меѓу 17-годишното чудо од дете и аргентинската ѕвезда.
„Нема години во фудбалот. Тоа е спорт кој зависи од квалитетот на секој поединец, начинот на кој тренирате и вашиот менталитет. Ако сте подготвени, подготвени сте. Ние сме многу млад тим, но покажуваме дека сме способни. Годините се само бројка”, продолжи шпанскиот крилен напаѓач кој руши рекорди откако се појави на сцената во Барса на само 16 години.
На прашањето за снемувањето струја што ги парализираше Шпанија и Португалија во понеделникот, Јамал рече дека не знаел што да прави.
„Искрено, вчера не знаев што да правам. Дојдов овде, цел ден го поминав на тренинзи и се сретнав со соиграчите. Прекинот на струја многу не вознемири сите, но очигледно веќе со голем ентузијазам размислувавме за полуфиналето“, објасни тој.