Лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, во интервју за новиот број на неделникот „Фокус“, вели дека една од целите на интензивните активности на меѓународната заедница во земјава е обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за уставни измени, за што се потребни и гласовите од неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
-Според моите сознанија од дипломатски извори, засега имале 6 сигурни пратеници, а им требаат 8. Кои се тие 6, не знам. Мојот инстинкт говори дека ова зачестено доаѓање на странски дипломати, гледате Штајнмаер колку беше среќен што е во Македонија, во Кавадарци, гледате доаѓаат истражители од САД, е во функција на уставните промени – вели Јакимовски.
Во однос на забелешката дека декларативно се говори дека тимот за санкции на САД доаѓа да помогне во борбата против корупцијата и подобрувањето на состојбите во правосудството, а не за влијание врз пратеници, Јакимовски вели:
„Дел од причините сигурно се уставните промени. Знаете што? Ние имаме судски постапки што се политички мотивирани и затоа тие се неефикасни. Ако обвинителството и судот се остават да работат независно, сигурно секаде каде што ќе има обвинение, ќе заврши со пресуда. Таму каде што има политички нарачки, нормално нема да има ефикасност…“.
Коментирајќи го судскиот процес, каде тој е обвинет во врска со изградба на општински објект, Јакимовски вели дека предметот не е завршен и дека е во судска постапка. Според него, се работи за две бараки, нема решение за поставување привремен објект, а, како што вели, решението требало да го издадат на самите себе.
-Тие што признаа вина беа во други предмети, од причина што финансиските издатоци за судските рочишта се многу големи. Сметајте дека секое застапување од страна на адвокатите е 400 евра, а тој службеник зема толку плата, па како може да си дозволи да оди во судските лавиринти? Една од госпоѓите што призна вина од Карпош до судот дошла пеш, бидејќи немала средства ни за автобуски билет – вели Јакимовски.
Воедно, тој посочува дека еден советник на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштил советничката група во Карпош, по што бил нападнат од страна на, според негови информации, луѓе од непосредното опкружување на Христијан Мицкоски. Сепак, Јакимовски тврди дека одлив на вмровски советници ќе има и во други општини поради опструкциите на партијата.
Целото интервју прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Разговараше
Влатко СТОЈАНОВСКИ