Јакимовски незаконски им овозможил имотна корист на фирмите „Гром промет“, „Емаг“ и „Дот мебел“

by fokus

Фирмите „Гром промет ДООЕЛ“, „Емаг ДООЕЛ Скопје“, „Дот мебел ДООЕЛ“ и физичко лице со иницијали Т.К. се опфатени во истрагата на Министерството за внатрешни работи, во рамки на која беше денеска приведен поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

Според кривичната пријава поднесена од МВР, Јакимовски од позиција на градоначалник им овозможил на овие фирми да се стекнат со земјиште кое било во државна сопственост, така што го легализирал земјиштето спротивно на Законот.

-Постапувајќи по барање за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на Илинденска, осомничените преземале дејствија иако знаеле дека објектите за кои се поднесува барањето за утврдување на правен статус од страна на фирмите всушност не се бесправно изградени, туку времени монтажни бараки изградени на земјиште во сопственост на државата и не смееле да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објети. Сепак и покрај ова пријавените во Општина Карпош постапиле по поднесените барања и спротивно на законот на времени објекти им дале третман на бесправно изградени, со што овозможиле нивно вклопување во планска документација – изјави денеска портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Според истрагата Стевчо Јакимовски и вработените во Општината потпишале решение за утврдување праван статус на времени објекти како да се бесправно изградени објекти и на тој начин им овозможиле на трите фирми и на Т.К. да ги запишат објектите како легални во нивна сопственост.

-Службените лица им овозможиле на правните лица на незаконски начин да се стекнат со право на сопственост на објекти и ексклузивно право на откуп – рече портпаролот на МВР.

Тој додаде дека на „Гром промет“ противпрвно му е овозможено да се стекне со имотна корист во вкупна површина од 1533 метри квадратни. Во 2016 ова земјиште имало вредност од 28 милиони денари, или 450.000 евра.

Фирмата „Емаг ДООЕЛ Скопје“ против правно се стекнала со имотна корист во површина од 722 м2. Ова земјиште во 2016, кога било извршено кривичното дело, имало вредност од најмалку 13 милиони денари, или 211.000 евра.

На „Дот мебел“ и на Т.К., пак, им е овозможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште во висина од 450 денари од м2, додека на јавно надавање метар квадратен од оваа парцела би се продавал со почетна цена од 300 евра.

Освен Стевчо Јакимовски, кривична пријава е поднесена и против 69-годишниот Т.Г. раководител на одделение за недвижен имот и постапка за експропријација во секторот за правни  работи во Општина Карпош; 43-годишниот В.С. виш соработник во одделението за спроведување на урбани планови, 59-годишната М.Т. вработена во одделението за просторно и урбанистичко планирање, и 60-годишната Р.Д. исто така вработена службеничка во Општината.

За поттикнување во извршување на кривично дело е поднесена кривична пријава и против управителите на фирмите: 51-годишниот Г.Р. управител на „Гром промет“, 67-годишниот Ч.А. управител на „Емаг Доооел“, 53-годишниот С.П. управител на „Дот мебел ДООЕЛ“ и 58-годишниот Т.К.

Поврзани новости