Јакимовски ја помина ноќта во полициска станица, се бара притвор

by fokus

По вчерашниот претрес на Управата за финансиска полиција во домот на екс градоначалникот Стевче Јакимовски, тој ноќта ја помина во полициска станица. Јакимовски утринава се очекува да биде изведен пред судија на претходна постапка, во Кривичниот суд, кој треба да одлучи дали ќе му одреди мерка притвор.

Јакимовски во полициска станица може да биде задржан 24 часа, а потоа мора да биде однесен на распит во Кривичниот суд.

Финансиската полиција против Јакимовски води постапка за спроведување на три јавни набавки од страна на Општина Карпош.

Како што изјави тој за медиумите, двете јавни набавки се спроведени во 2012 година и се однесуваат за бараките каде е сместена општината, додека третата јавна набавка е поврзана со изградба на плоштадот во Жданец.

Според Јакимовски, во првиот случај општината водела долгогодишен судски спор со компанијата-изведувач, меѓутоа не била повлечена банкарската гаранција, додека во вториот случај работите биле извршени согласно договорот.

Како што посочи Јакимовски, тој нема никаква одговорност, бидејќи потпишува одлука за јавна набвка, избор на најповолен понудувач и договорот со изведувачот, а се понатаму работат службите, вклучително и банкарската гаранција.

Според него, позадината на ова постапка е да се изврши притисок пред претстојниот референдум, кој лидерот на ГРОМ најави дека ќе го бојкотира.

Поврзани новости