Јакимовски и Жерновски во дуел поради жешката седница во Општина Карпош

by Фокус

Лицето кое што вчера го предизвика инцидентот на седницата на Советот на општина Карпош, кое лажно се претстави како Ивица Ивановски новинар на „Вечер“, е лице со име Никола Савовски. Тој е член на Социјалдемократскиот сојуз и бил на советничката листа на СДСМ со реден број 23, за време на локалните избори во 2013 година. Ова денес на конференција за печат го изјави Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

– Нему, по се изгледа, во битието му е да се претставува лажно. На неговиот фејсбук профил има ставено дека живее во Пјонгјанг. Тој не живее во Пјонг Јанг туку во општина Центар, на улица „Ленинова“. По професија е доктор по ветерина. Интересно е да се напомене дека е братучед на Наташа Савова, а неговиот татко Савов и неговата мајка и двајцата се вработени во општина Центар. Уште поинтересно е што и тој е вработен во општина Центар во „Паркинзи Општина Центар“-ПОЦ и тоа од 01.01.2013 година е во редовен работен однос – информираше Јакимовски.

Против него и против останатите организатори на овој инцидент, на седницата на Советот на општина Карпош, рече Јакимовски, ќе биде поднесена кривична пријава.

– Воедно сакам да му заблагодарам на колегата Андреј Жерновски на неговата некоректност затоа што се обидува на ваков начин да врши попречување на работата на Советот на Општина Карпош и се спушта под нивото на кукавица која барем снесува јајца во туѓи гнезда, а тој се обидува да прави неприлики во туѓи совети во други Општини – порача градоначалникот на Карпош.

Жерновски пак вели дека прв пат слуша за настанот во Општина Карпош.

– Не е мој стил да праќам човек да врши некаков надзор. Вокабуларот на мојот колега од Карпош е познат, тоа е за него својствено. Но едно можам да кажам – ако воопшто ми падне на памет да пратам човек да анализира нечија работа, тоа сигурно би било во општина која што функционира добро. Не знам зошто би пратил човек да анализира или да шпионира општина која е позната во Македонија по долгови. Колку што дознавме Карпош должи 11,5 милиони евра – врати Жерновски.

Поврзани новости