Ја преживеа голготата во Кочани, и се врати од лекување во Белград: Моите деца се уште имаат татко благодарение на докторите и медицинските сестри

by Fokus

Дарко Стојанов, првиот пациент кој се врати во земјава, а кој се лекуваше во странство по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, вчера го пречекаа министрите за здравство и за надворешни работи.

Тој денеска на социјалните мрежи имаше трогателна објава со која сака јавно да се заблагодари за личната поддршка која ја добил.

Вели дека неговата здравствена состојба е добра и стабилна.

„Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат. Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа. Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне, раната на душата кој ќе крвари во мене до крајот на мојот живот“, вели Стојанов.

Тој на Фејсбук им се заблагодарува и на сите институции кои биле вклучени во организирањето и реализацијата за лекување во Србија и во останатите земји.

„Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои. Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за се што прават. Се надевам дека овие херои што побрзо ќе добијат се што заслужуваат. Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ. Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од Клинички центар – Србија. Моите деца се’ уште имаат татко благодарение на докторите, и неверојатните медицински сестри и техничари од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. Благодарам, српски народе! Посакувам што побрзо закрепнуваење на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе не обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе. Гушнете ги најблиските, фамилијата, пријателите, кажете им дека ги сакате. Никогаш не можете да знаете кога е тоа за последен пат“ – порача Стојанов.

Поврзани новости